Нова дигитализирана архива на Габриел Гарсија Маркес

Универзитетот на Тексас во Остин дигитализираше повеќе од 27.000 документи од збирката на славниот автор, овозможувајќи нов поглед кон неговиот магичен реализам. 

„Сто години самотија“, „Љубов во време на колера“, „На полковникот нема кој да му пише“, се само некои од ремек-делата на колумбискиот автор, во чија лична архива сега можат да ѕирнат љубителите на неговиот лик и дело, но и оние кои истражуваат аспекти на неговото творештво.

Универзитетот на Тексас ја откупила архивата на Маркес во 2014 за 2.2 милиони долари, кратко време по неговата смрт. Сега голем дел од збирката е качена онлајн, а вклучува материјали од сите објавени прозни дела на Маркес, негов мемоар, 22 тетратки и белешки, како и лични фотографии. Повеќето од пишуваните документи се на шпански, но архивата е каталогизирана и на шпански, и на англиски.

Помеѓу најинтересните архивирани единици се свидителствата на Нобеловецот, снимката од говорот при примањето на наградата во 1982 и неговата лична кореспонденција. Постои и писмо од помошникот уредник на Тајм, во кое тој бара одобрување на превод на цитат на Маркес, кој гласи: „Единствената нова идеја која може да го спаси човештвото во 21 век е жените да го преземат управувањето со светот“.

Ваквиот потег, овозможувањето на пристап до архивски материјал на писател чие дело е се уште под авторски права се должи на ставот на семејството на авторот, кое според зборовите на еден од синовите на Маркес, Родриго Гарсија, „секогаш било на став дека архивата треба да допре до што е можно поголема публика“.

Еве ја тука, за слободно користење

27 декември 2017 - 16:12