Нов проект на Стивен Содеберг: интерактивна мини-серија во форма на апликација

„Мозаик“ е минисерија во траење од повеќе од седум часа, во која гледачите имаат можност да бираат по кој редослед ќе го следат дејството, односно кои ликови ќе им бидат „главни“. Сценариото има повеќе од 500 страници, било развивано по дефинирањето на главниот костур на приказната, и тоа со години.

Кога Кејси Силвер, поранешна директорка на Universal Pictures, му предложила на Стивен Содеберг („Секс, лаги и видео ленти“, „Ерин Брокович“, „11-мината на Оушн“) да почне да експериментира со технологија за да изнајде нови начини на раскажување приказни, познатиот режисер бил воздржан, бидејќи не сакал целата работа да делува површно, како игрица. Но по долги разговори, тој се нафатил на идејата, да ја направи „Мозаик“ - сторија за писателка на детски книги (Шерон Стоун), која е најдена мртва во идиличниот ски-центар во Парк Сити, Ута.

Начинот на кој функционира апликацијата е што по само неколку минути гледање, а понекогаш и по цела епизода, гледачите добиваат опции за избор што сакаат да гледаат следно. Секоја гранка од нарацијата си функционира засебно, но можно е и враќање на точката на рачвање и гледање и на другите опции. Секако, ваквата финта не е револуционерна во раскажувачка смисла, но според критичарите е прва која комбинира интерактивно раскажување и пристоен ТВ производ.

Целиот процес траел три години, а начинот на којшто Содеберг и неговиот соработник, сценаристот Ед Соломон (Now You See Me) ја развивале нарацијата е далеку од напредна технологија - лепеле ливчиња во розова, лилава, сина, жолта и други бои низ работната просторија, за да се знае која приказна е која. На крај ѕидот изгледал како „ремек-дело на теоретичар на заговори“.

Проектот е експериментален и многумина го оценуваат како тест за она што допрва ќе следи на полето на телевизијата. Апликацијата е достапна бесплатно тука (засега само за iOS), а ќе оди на ХБО премиерно на 22 јануари.

11 јануари 2018 - 13:17