„Нимфоманката“

Нов филм на Ларс фон Трир

Откако првата ексклузивна фотографија од долго најавуваниот нов филм на Ларс фон Трир ги разочара гладните за скандал, кои овој режисер редовно ги снабдува со материјал, втората фотка е веќе нешто сосема друго...

Откако прв пат беше спомнат во 2011, новиот филм на Трир со Шарлот Гензбур во главата улога (ќерката на познатиот француски музичар Серж Гензбург и актерката Џејн Биркин), побуди високи очекувања за шок и скандал, особено имајќи ја предвид најавата дека тој ќе се занимава со „еротскиот живот на една жена од детството до средовечноста".

Токму затоа првата фотка, најверојатно од почетокот на филмот, на која Шарлот лежи претепана во кал, на дожд, не само што не откри многу, туку што би рекол еден наш колега, не откри ниту ништо.

Е, втората е веќе посочна - Шарлот е на нозе, топлес, помеѓу двајца кршни момци со очигледни добри намери. Во следните сцени од животот на 50-годишната само-дијагностицирана нимфоманка се очекуваат и Ума Турма и Вилијем Дефо.

Филмот додуша ќе има и „мека" и „тврда" варијанта, и во стилот на Хари Потер ќе биде поделен на два долгометражни филма. Питер Јенсен, извршниот продуцент на филмот, изјави дека грубата монтажа во моментов покажува дека имаат филм од седум и пол часа. „Речиси е доволно за три филма, и сè е одлично", изјавил тој.

Во зависност од тоа дали ќе биде подготвен, филмот се очекува на Канскиот фестивал во мај.

12 февруари 2013 - 12:23