Антика, барок и 21. век

Нов албум на Џим Џармуш

Џармуш, освен што режира и пишува сценарија, се занимава и со музика. Слушнете го неговиот нов албум со холандскиот минималист Џозеф ван Визем, „Мистеријата на рајот".

Џим Џармуш е познат по тоа што ѝ придава големо значење на музиката во неговите филмови, која не е само обична илустрација, туку интегрален дел од нив. Сетете се на Down by Law, и музиката на Лури и Вејтс во него.

Нo Џармуш уште во 80-тите почнал и самиот да се занимава со музика, свирејќи во група наречена Dark Day Project, потоа во The Del-Byzanteens, а има објавено албум и под псевдонимот Sqürl. Оние кои ја слушаат и сакаат неговата музика велат дека тој е препознатлив по „густите гитарски текстури", кои можат да се чујат и на новиот албум, направен во соработка со ван Визем (втор нивен заеднички проект по албумот Concerning The Entrance Into Eternity), кој на него свири на средовековни инструменти. Еве и нешто што го спојува со македонскиот, додуше повеќе архитектонски отколку музички светоглед: „Ван Визем на овој албум свири со срцето и во 17-тиот и во 21 век. Неговата љубов кон барокот е еднаква на неговата љубов кон техниките на копи/пејст на современоста и барањето авантура во антиката".

Од она што го чувме, албумот е амбиентален, но на моменти доста остар. Впрочем, слушнете самите. Тој официјално ќе излезе на 13. ноември. Да, денот на Скопје.

Аудио тука: 

7 ноември 2012 - 11:36