По повод излегувањето на ретроспективен албум на НК и Бед сидс

Ник Кејв: „Нашите животи се како ѕвончиња на ветер“

Денес, 5 мај, излегува компилацијата „Прекрасни суштества: најдоброто од Ник Кејв и Бед сидс 1984-2014“. По тој повод Кејв даде интервју за Гардијан, едно од ретките по смртта на неговиот син, кој падна од карпа во јули 2015 под дејство на Ел-ес-ди.

Сè што направи Кејв по оваа трагедија, 16-тиот студиски албум Skeleton Tree, кој всушност беше започнат претходно, а особено црно-белиот документарец One More Time with Feeling, е толкувано низ призмата на неговата загуба. Од една страна тоа е големо оптоварување за родителот-уметник кој постојано е наведуван да ја образложува својата душевна состојба, но од друга е стрес и за самите новинари кои имаат макар и ронка емпатија. Па сепак, изгледа дека на Кејв настапите и интервјуата му доаѓаат како терапија, и тој според новинарот на Гардијан, е „љубопитен, набиен со енергија и некако побистар од кога и да е“.

Компилацијата „Прекрасни суштества“, која се состои од 3 ЦД-иња, двочасовен филмски материјал и книга од 36 страници, била подготвена за објавување уште пред две години, но нејзината намена, да биде ретроспективна прослава, не делувала соодветно по смртта на Артур. Сепак ваквите социјални табуа не биле главната причина за одложувањето, туку едноставното отсуство на „простор кој го овозможува луксузот на креацијата“, тагата што го преплавува телото, како да е некаков физички ентитет. По минувањето низ оваа фаза, Кејв сега почнува да пишува песни кои според него се разликуваат од наративноста на претходните.

„Идејата дека живееме во права линија, како приказна, сега ми изгледа крајно апсурдна, и што е најважно, како некаква интелектуална конструкција. Мислам дека настаните во нашите животи се како серија ѕвончиња кои кога ќе се придвижат испраќаат вибрации нанадвор, влијаејќи врз сè, на нашата сегашност, нашите иднини, и секако на нашето минато. Сè се менува и вибрира“.

Ѕвончињата во животот на Кејв знаат да звучат и како злокобни камбани кои најавуваат апокалипса и како нежни љубовни прапорци. Важно е дека тој е уште тука за да ги протресе, за и ние да вибрираме.

5 мај 2017 - 11:50