A кој е вашиот изговор?

Неврохирургот кој стана преведувач од кинески и латински

За Иан Хју Џонстон тешко ќе дознаете ако не сте баш упорни. На интернет има само една фотографија од него, а до целосни биографски податоци се доаѓа индиректно, преку текстови кои ги земат предвид сите нешта со кои се занимавал. А богами, се занимавал.

Роден во Австралија, Џонстон во 1958 како 19-годишник се запишал на Универзитетот Сент Ендрјус во Британија, на катедрата по медицина. Дипломирал со почести во 1962, а потоа специјализирал неврохирургија. Станал професор по овој предмет во Синдеј и објавил повеќе од 80 рецензирани медицински трудови.

Ова и не би била некој посебна животна приказна, да не се знае дека Иан уште на првата година студии страдал од тежок артрит, попрецизно од анкилозен спондилит кој ги погодува р’бетните пршлени. Мачејќи се со хронични несоници и постојани болки, тој одлучил не само да не се откаже од учењето, туку напротив, да ја искористи оваа ситуација како шанса за негово проширување.

Бидејќи освен за медицина се интересирал и за филозофија, класични и источни јазици, уште како бруцош почнал да учи кинески. По неколку години напорна работа, веќе можел да чита оригинална литература на овој јазик, и да собира скапоцени примероци од кинеска литература. Во 1991, веќе средовечен, докторирал со теза под наслов „Записите на Ку Јен-Ву за секојдневното знаење“ (кинески филолог и географ од 17 век). Бидејќи во текот на студиите веќе стекнал некоја основа по старогрчки и латински, ги завршил и овие факултети, а докторат по класичен грчки од Универзитетот во Синдеј добил во 2006, за теза под наслов „Гален за класификацијата и причинителите на болести“.

Од пред десет години, кога била откриена модерна биолошка терапија за неговата болест, веќе можел помирно да спие, но желбата за знаење и работа веќе станала навика. Во меѓувреме добил три деца, и секое од нив го обучил во класичните јазици. Неговата втора кариера покрај хирургијата биле преводите. Има преведено скоро дваесет наслови, главно билингвални изданија на рана кинеска поезија со коментари, текстови на Гален, како и неговото капитално дело „Методот на медицината“ во 3 тома, секој со по 600 страници.

Како некакво резиме на оваа интересна животна приказна, на човек кој во моментов живее изолирано некаде во Австралија, би можело да послужи дел од говорот на негов колега прочитан при свеченост за прогласување на Џонстон за почесен доктор на Универзитетот Сент Ендрјус:

„Она што импресионира не се неговите академски постигнувања, ниту бројните титули, туку тоа што покажал дека со вистински став, и во вистинска околина, едно чесно залагање за вистина и наука може да изгради мостови низ времето, преку дисциплините и културите, кои обединуваат. Малкумина можат да се надеваат да го постигнат она што го има постигнато Иан, но сите ние можеме и треба да се восхитуваме на одлучноста да се напредува и знаењата да се споделат, за доброто на човештвото. Студенти, ве предизвикувам - направете разлика!“

24 јуни 2017 - 11:19