Неуспешниот план Јапонците во Втората светска војна да се победат со - радиоактивни лисици

Неверојатната идеја со кодно име „Операција Фантазија“ требало да ги деморализира силите на Оската со имитирање на митолошки духови.

„Кицуне“ на јапонски значи „лисица“, а овие животни се вообичаени за јапонскиот фолклор. Народните приказни ги опишуваат лисиците како интелигентни суштества, како такви кои поседуваат натприродни моќи кои се зголемуваат со нивната возраст. Дополнително, сите лисици имаат способност да менуваат форма, и да се претвораат во луѓе.

Каква врска има ова со напорите да се победат Јапонците во текот на Втората светска војна? Во екот на јапонските напади на Перл Харбор, „Вајлд бил“ Донован, раководителот на американското разузнавање, им наредил на своите научници да најдат начин психолошки да го надмудрат непријателот. Тие измислиле голем број „валкани трикови“, како експлозивна мешавина за палачинки, дроги кои ја изнудуваат вистината од воените затвореници или спреј со мирис на измет. Очајните времиња барале очајни мерки. А помеѓу овие неверојатни стратегии, најнеобична била тн. „Операција Фантазија“.

Нејзин изумител бил стратегот за психолошко војување Ед Селинџер (фото доле), ексцентричен бизнисмен кој пред војната имал компанија за увоз-извоз во Токио. Го знаел јазикот, собирал уметнички дела и ги проучувал суеверијата на Јапонците, поради што и бил ангажиран од американското разузнавање. Операцијата ја предложил во 1943, а нејзината цел било да се влијае врз моралот на јапонските војници и граѓани со тоа што тие би биле изложени на спомнатите „кицуне“, кои во шинто религијата се духови во форма на лисици со магични моќи. Со тоа би се провоцирале и стимулирале нивните стравови, би се разнишала националната самодоверба и во крајна линија би се добила војната.

И ова би било разбирливо доколку истото ниво на суеверие Американците би го припишувале и на своите европски непријатели. Во овој случај само Јапонците биле толкувани како „примитивни“ и подложни на вакви влијанија. Всушност, самите планови како да се искористат овие ликови биле крајно наивни.

На пример еден од нив подразбирал балони во форма на лисици да летаат над јапонските села и да го плашат населението. Биле нарачни свирчиња кои симулирале звуци на ова животно. Била ангажирана и компанија за производство на лажни мириси на лисици кои дополнително требало да ја вознемират суеверната публика.

Но и покрај големите напори на Селинџер, балоните, свирчињата и мирисите не биле употребени, затоа што биле проценети како „непрактични“. Ама тој не се откажал: предложил да се фатат живи лисици во Кина и Австралија, да се испрскаат со флуоросцентна боја и да се пуштат низ јапонските села.

Ова одново предизвикало логистички проблеми. Каква боја да се користи? Постоела една која ја произведувала Радиумската корпорација на САД, и содржела радиум, но здравствените ризици поврзани со бојата не биле познати. Од 1917 жените кои носеле часовници чии бројки биле обележани со ваква боја страдале од анемија и некроза на вилицата. Сепак, тимот ја пробал на еден сирот ракун, и таа и по неколку дена стоела на него.

За да испитаат дали светлечки лисици би исплашиле кого и да е, во вашингтонскиот Рок крик парк една летна вечер во 1945 биле пуштени 30 светлечки лисици. Жителите кои ги забележале биле ужаснати, а полицијата добила голем број повици.

Кога ова се покажало како успешно останало прашањето на транспортот на лисиците до брегот на Јапонија. Морало да се испита дали доколку тие бидат испуштени во вода би можеле да допливаат до брегот. И ова било тестирано, лисиците навистина успеале да допливаат до Чизапајк беј близу Вашингтон каде биле исфрлени, но бојата во меѓувреме отпаднала и она што останало тие самите го излижале. Ова значело дека тие би морале да бидат исфрлени на копно.

И тоа не е сè. Во понатамошен изблик на фантазија, Селинџер предвидел на главата на лисиците да има човечки череп опремен со механизам кој би правел устата на черепот да се отвара и затвора. Овие можеле да се прицврстат и на препарирани и префарбани лисици кои пак би биле пуштани со балони или летачки „змејови“ и би левитирале над јапонското небо.

Доколку сето ова не би успеало, тој предвидел и план кој не зависел од лисици, бои и лакови. „Луѓе опседнати од лисици“ предвидувал Јапонци кои ќе соработуваат со Сојузниците да глумат дека ги опседнал дух, да паѓаат во делириум и да прават се што би правел ментално пореметен човек/лисица. На 24 септември 1943 Стенли Ловел, главниот за контрола на операцијата Фантазија, предложил нејзино напуштање. Пледирал на „здрав разум“ кој не бил покажан во овој случај. И тоа го кажал човек чија идеја за атентат на Хитлер била во зеленчукот да му се ставаат женски хормони поради што би му отпаднале мустаќите.

извор

30 септември 2020 - 11:00