Неофеудализам: вистинското име на современиот капитализам?

Во „Капиталот е мртов“, книга од 2019, авторката МекКензи Варк прашува: Што ако веќе не сме во капитализам, туку во нешто полошо?

Прашањето за тоа како би требало да се нарекува глобалното економско-политичкото уредување во кое живееме е провокативно и вознемирувачко, затоа што на познатиот непријател му дава непознато лице. Ако веќе не сме во капитализам, туку во некој нов економски поредок, тогаш што ќе се случи со сиот тој анти-капитализам? Комунизмот требаше да дојде после капитализмот, па бидејќи тоа не се случи, дали следува дека уште сме заглавени во капитализам? 

Ако го отфрлиме строгиот историски детерминизам, тогаш би требало да ја земеме предвид можноста дека тој мутирал во нешто квалитативно различно. Во последната деценија како име за таа мутација се појави терминот „неофеудализам“ - тенденции поврзани со екстремна нееднаквост, генерализиран прекаријат, монополистичка моќ и промени на ниво на државата. Ниската класа која нема имот во ваквиот систем опстанува преку служење на потребите на оние со високи примања, како лични асистенти, тренери, дадилки, готвачи, чистачи итн. Единствениот начин да се избегне овој неофеудален кошмар е преку поддршка и дерегулирање на високовработувачките индустрии.

Неофеудализмот е тема на „Капиталот е мртов“ (2019), студија на австралиската теоретичарка на медиумите МекКензи Варк. Таа како основа за спомнатата „мутација“ ја зема моќта која информациите им ја имаат обезбедено на владеачките елити. Преку сопственост и контрола над информациите, оваа класа доминира не само со трудот, туку и со капиталот онака како што традиционално го сфаќаме.

Додека техно-утописките апологети се уште ги слават овие иновации како развој на капитализмот, за работниците и за целата планета ситуацијата се влошува. Секако, ова не е прв труд кој ја критикува улогата на медиумите и технологијата во современата феудализација. Во 2010 во својата влијателна книга „Ти не си геџет“, Џерон Ланиер (кого го спомнавме претходно тука) ја истражуваше појавата на „селани и господари“ на интернет. Во меѓувреме оваа тема стана уште позначајна, со оглед на тоа што малубројни теч компании станаа уште побогати, претворајќи ги своите сопственици во милијардери врз основа на евтин труд на нивните работници и даночните олеснувања кои им се нудат од страна на градови кои се очајни да привлечат работодавци. Епл, Фејсбук, Мајкрософт, Амазон и Алфабет (компанијата-родител на Гугл) заедно вредат повеќе од скоро секоја земја во светот (освен САД, Германија, Кина и Јапонија). Економскиот обем на влијание на овие гиганти - или феудални господари - е поголем од она на повеќето таканаречени „суверени“ држави. Евгениј Морозов ја опишува нивната доминација како „хипер-модерна форма на феудализам“.

Секако, неофеудализмот не значи дека современиот капитализам идентично ги репродуцира сите особини на европскиот феудализам (затоа и се вика „нео“). Всушност, и самата идеја на еден универзален „европски феудализам“ oд минатото е фикција. На континетот историски се развиле различни феудализми како одговор на различни услови и притисоци. Рецензија на спомнатата книга „Капиталот е мртов“ на LA Review of Books прави детална анализа на феудалните тенденции на капитализмот како нова социо-економска структура, која почива на четири меѓусебно поврзани елементи: парцијализирана сувереност, нови господари и селани, провинцијализација (hinterlandization - оддалеченост од пристаништа и главни патишта) и катастрофичност.

Пандемијата особено го нагласува последново - чувството на несигурност и вознемиреност од потенцијална катстрофа, од економски, климатски или здравствен вид. На моќните компании и на нивните сопственици им се придаваат митски својства, како на архаични феудални херои, кои можат да се спротивстават на ваквите сценарија. Немоќта пак на оние од пониските класи се „лечи“ со алкохол, храна, дрога и друга потрошувачка. Што пак само го продолжува магичниот круг на неофеудализмот, кого погрешно го третираме и кудиме како „обичен“ капитализам.

29 мај 2020 - 10:01