Необјавените дела на Прачет уништени со ваљак

Во март 2015, Тери Прачет, по долга борба со ретка форма на Алцхајмер, се ракуваше со смртта. Деновиве е остварена неговата последна желба.

Непосредно пред отварањето на нова изложба посветена на ликот и делото на славниот автор, на Големиот саем на парни машини во Дорсет, ваљак под име Лорд Џерико по желба на авторот помина врз неговиот хард диск, на тој начин уништувајќи го она на што работел во моментот непосредно пред смртта.

Ваквата негова желба во интервју за Тајмс од 2015 ја обелодени Нил Гејман, близок пријател и соработник на Прачет: „Тери сакаше сето она што не успеал да го доврши да биде земено, ставено среде пат и прегазено од парен ваљак“. Процедурата, која се случи минатиот петок, ја надгледуваше Роб Вилкинс, долгогодишен асистент и управник на наследството на Прачет. Ваљакот тежок шест и пол тона морал неколку пати да помине над дискот пред да може да се констатира дека е уништен. Според претпоставките на него имало десет недовршени романи. 

Прачет во текот на неговата 44-годишна кариера објави 70 книги, кои се преведени на 37 јазици и продадени во над 70 милиони примероци.

Сега веќе уништениот хард диск ќе биде дел од големата изложба, „Тери Прачет: неговиот свет“, која се отвара во музејот Салсбери во септември и ќе трае до 13 јануари. 

Претходно: Тери Прачет се ракуваше со Смртта

30 август 2017 - 15:55