Викенд романче од 2.630 долари

Голем број трговци со книги на Амазон се обидуваат да си ја продадат робата што поевтино - логиката вели дека спуштањето на цената во услови на компетитивен пазар ја зголемува продажбата. Ама некои други имаат поинаков, контраинтуитивен пристап.

Авторката на романтични новели (по нашки - викенд романчиња) Дебора Мекџиливреј минатиот месец откри дека копии на старо од нејзината книга „Еден снежен витез“, кај книжари кои огласуваат на Амазон, се нудат за сума од 2.630,52 долари и бесплатна поштарина, додека вообичаената цена била 99 центи. Ова ја шокирало, и поттикнало сомнежи за она што се случува на сајтот на овој најголем трговец со книги во светот.

Додека најголемиот број книги на него се продаваат директно од Амазон, има и такви кои се огласени од сосема трети компании, и токму тука се случува да се појават ваквите неверојатни цени. Според текст на Њујорк тајмс кој се обидува да ги пронајде причините за овој феномен, една од нив е тоа што Амазон, кој почна токму како онлајн продавница за книги, во последно време го запоставува тој дел од сајтот, концентрирајќи се повеќе на технологија, гејминг и други производи. Оригиналната книжарница како да е раководена од алгоритми, со сосема мал човечки удел. Така може да се случи секакви книжари да продаваат без никаква контрола и на цената, и на квалитетот на производот.

Нереалните цени се наоѓаат во оддалечените ќошиња на книжарницата Амазон, а продавачите можат да бидат различни - од познати национални брендови кои се обидуваат да одржат некаква независност од Амазон, до луѓе-фирми или автори со самиздати кои ја користат платформата на Амазон како можност за самопромоција. Овие продавачи имаат можност да си ги прилагодуваат цените како што ним им одговара.

Освен ова, има и „специјалисти“ за пумпање цени кои продаваат копии од втора рака, обидувајќи се да изгледа дека книгите се вредни и ретки. На пример, пред една деценија Елизабет Петри напишала роман за својата мајка, познатата писателка Ан Петри. „Внатре во домот“ сега ја нема по книжарниците, но затоа се појави на Амазон како книга од втора рака, по цена од 1900 долари. Самата авторка изјавила - „Ех, да ги имав тие пари“.

Како што добро знаат некои од нас, кои постојано чепкаат по сајтови со книги, купувањето на Амазон знае да биде збунувачко, со различни услови на купување (цена, поштарина) за една иста книга, а за работата да биде уште покомплицирана, и со различен аршин во однос на достапноста во смисла на регион (фамозното `нот авејлбл ин јор кантри`). Сепак, дури и за помалку искусните купувачи екстремните цени би требало да се некаков аларм дека тука нешто е сомнително, но тоа не е секогаш така. Доволно е да загризе само еден купувач, па ако книга која инаку чини 10 долари се продаде за 600, книжарата може само да трие раце. А такви продажби има очигледно многу, штом постојат продавачи кои во тек на долг период се одлучуваат за ваква стратегија. Особено кога нема никој кој би ги запрел во тоа.

Во суштина нема ништо незаконско некој да продава на ваков начин, но тоа е сепак во најмала рака необично. А откако споменатата авторка на „Еден снежен витез“ го објавила своето откритие, цената на сајтот не само што не паднала, туку се зголемила, на 2800 долари.

18 јули 2018 - 16:42