За мрзливите новинари (и лингвисти)

Не, „Стен“ на Еминем не влезе во Оксфордскиот речник

Неодамна медиумите, па и нашите, ја пренесоа веста дека термин кој потекнува од песна на Еминем „сега и официјално е внесен во ОР на англискиот јазик“. Но во ова има неколку проблеми.

Песната „Стен“, која Еминем ја изведува со Дајдо, ја раскажува приказната за радикалниот фан на Слим Шејди, кој се обидува да изгледа како својот идол, му испраќа безброј неодговорени писма, и на крај се убива себеси и својата бремена девојка фрлајќи се од мост.

Но Стен во песнава е само име на главниот лик - употребата на овој збор како генерички опис за нечиј карактер се случи подоцна кога хип-хоперот Нес во песната „Етер“ одговара на претходни навреди на Џеј Зи, со стиховите „Ти си обожавател, ти си измама, ти си лажен, ти си пи*ка, ти си Стен“. Пежоративната конотација на зборот одлично легна на голем број „фандоми“, кои често си го опишуваат својот ентузијазам со хиперболичен, екстремен јазик, но и со доза автоироничност.

Оксфордските речници - кои претставуваат голем број изданија кои ги објавува Оксфорд јуниверзити прес, вклучително и ОР, нуди и бесплатен онлајн речник (en.oxforddictionaries.com), кој е многу по „либерален“ што се однесува до внесот и бришењето на зборови од сопствената база на податоци. И „Стен“ постои во овој речник, и тоа уште од 2015. Во него зборот е дефиниран како именка со значење „пренапален или опсесивен обожавател на одредена славна личност“ или глагол (да се биде истото).

Бесплатниот онлајн речник не е исто што и Оксфордскиот речник на англиски, кој се смета за авторитативен лингвистички извор. Во овој вториов зборот не постои. Тогаш како се случи дури и сериозни медиуми како Би-би-си, Пичфорк и Билборд да известат дека тој е „сега и официјално признаен“ од ОР?

Спотифај, во соработката со сајтот Џиниус, минатата година ја лансираше апликацијата Behind the Lyrics, која им овозможува на корисниците истовремено додека слушаат одредена песна да ја дознаат приказната зад нејзините стихови. На 30 мај оваа година Џиниус пушта твит, во кој вклучува слика од објаснувањето за „Стен“ од апликацијата, како и дефиницијата на зборот од ОР. Ова од илјадници корисници, но и од мрзливите новинари, е сфатено како новост. И додека си рекол „стен“ почнаа да ја преземаат, ретвитаат, и масовно преведуваат.

Ова не само што е уште еден индикатор за тоа како стари вести се шират како нови, туку е и илустрација на огромниот јаз кој постои помеѓу официјалните „чувари“ на јазикот и луѓето кои го користат секојдневно. За медиумите внесувањето на „Стен“ во најавторитативниот речник е некако логично, затоа што нивната публика одамна го знае и го употребува овој збор. Но за лингвист кој е аутсајдер кога станува збор за популарната култура, зборов може да е и кинески (бидејќи го нема во „официјалниот“ речник).

Уште еден потсетник и за оние кои се колнат во речникот на македонскиот јазик - тие (речниците) не го одредуваат јазикот, туку само каскаат по него. А нашиот богами често знае и да се вкопа в место.

5 јуни 2017 - 09:56