„Не си го чепкај носот“: водич за детски манири од 15 век

На нов сајт на Британската библиотека можат да се најдат голем број неодамна дигитализирани ракописи стари и по неколку векови, меѓу кои и еден бон-тон за деца.

Kнигата е со наслов „Мала книга за мали деца“ (The Lytille Childrenes Lytil Boke), датира од 15 век, и е наменета за воспитување на младата популација, особено во однос на манирите при јадење. Таа сега е поставена онлјан како дел од нов сајт со детска литература на Британската библиотека, кој вклучува оригинални ракописи, интервјуа и скици од автори како Луис Керол или Жаклин Вилсон.

Спомнатиот средовековен текст припаѓа на збирката на библиотеката, и ги вклучува сите нешта што децата од тоа време не требало да ги прават, сугерирајќи што тие всушност правеле (па биле опоменувани за истото). Притоа описите се прилично живописни, како „не ждригај како да имаш зрно во грлото“. Или „не биди алчен кога ќе ги изнесат сирењата“. Истовремено, децата не смееле премногу да се смеат, да се кикотат или да зборуваат на масата.

Освен самите совети или правила, интересен е и англискиот јазик од тој период, кој е тежок за дешифрирање. На пример pyke notte thyne errys nothyr thy nostrellys значи „не си ги чепкај ушите и носот“.

Сајтот се вика Откривање на детските книги и содржи и голем број активности за деца од сите возрасти, како правење на „поп ап“ книга, измислување супер-херои итн. Може да се разгледа тука.