Не се срамете од натрупаните книги - тие ве потсетуваат колку не знаете

Во рубрикава до сега сме пишувале за „цундоку“, односно за трупањето книги, во негативен клуч. Со блага иронија сме ги спомнале и најголемите трупачи во историјата. Но сега да ја видиме и другата страна - зошто поседувањето голем број книги (кои не сте ги прочитале) може да биде добро?

Вашата преполна библиотека, со голем број книги кои чекаат да ги прочитате, а никако не стигнувате, не е знак на неуспех или мрза, туку симбол на вашата софистицираност.

Ова го тврди Насим Николас Талеб во својот бестселер „Црниот лебед“. И го илустрира со анегдота за легендарната библиотека на Умберто Еко која (види го линкот за познатите трупачи горе) броела 30.000 книги.

Дали ова значи дека Еко ги имал прочитано сите? Сeкако не, но тоа и не му била поентата. Обезбедувајќи си постојан потсетник за работите кои не ги знае, тој на овој начин си ја одржувал интелектуалната глад и љубопитност.

„Приватната библиотека не е средство за билдање на егото, туку алатка за истражување. Таа треба да содржи онолку ваше незнаење колку што можат да ви го дозволат финансиските средства и земените кредити. Ќе акумулирате повеќе знаење и повеќе книги како што стареете, и оние непрочитаните ќе ви упатуваат одмазднички поглед од полиците. И колку што повеќе знаете, толку бројот на непрочитани книги ќе се зголемува. Да ја наречеме оваа збирка антибиблиотека.“

Според Талеб антибиблиотеката е моќен потсетник на нашите ограничувања - огромниот квантитет нешта кои или воопшто не ги знаеме, или само половично ги познаваме, или за кои во текот на животот ќе сфатиме дека погрешно сме ги разбирале. Живеејќи секојдневно со тој потсетник пред очи развиваме ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОНИЗНОСТ која ни ги подобрува способностите за донесување одлуки и ни го поттикнува учењето.

„Луѓето обично не шетаат наоколу со анти-биографии кои ви кажуваат што тие НЕ учеле или НЕ искусиле, но би било баш фино доколку би било така“, вели тој. Зошто? Затоа што е добро познат психолошкиот факт дека најнекомпетентните се оние кои се истовремено најсамоуверени во своите способности, додека најинтелигентните се полни со скепса. Исто така е добро познато дека колку поискрено признаете дека нешто не знаете, толку побрзо ќе научите.

Затоа, да не се оптоваруваме со незавршените списоци за читање (на нашиот до Нова година беа предвидени уште три книги), туку на нив да гледаме како на знаци на нашето незнаење. И на тоа дека барем така - преку бројот на натрупаните книги - барем знаеме колку не знаеме.

18 декември 2018 - 14:44