Тин Ујевиќ

„Не се сезоните само календар, има едно чувство на пролет“

Постои пролет, со сите нејзини физички манифестации - мирисни зумбули, бистар видик, славеи. Но има и една поинаква пролет, поттикната од оваа првата: внатрешно разденување, оптимистичен полет, убавини. 

Токму за неа пишува Тин Ујевиќ во оваа негова песна во проза.

Збор за познавачите на водите. Тоа би можело да биде едно седиште на пароброд, на сонценце (ова е соодветен деминутив). Би можел да биде прозорец во некаква стара, камена куќа, четвороаголна како кутија или како сандак, со поглед надалеку, или некаква тесна тераса, или лулашка меѓу стебла.

Не се сезоните само календар; има едно чувство на пролет, покрај оние за другите случувања во природата, чувство впишано во душата, ден кој им е ветување на сите живототворни клетки. Пролет. Да ја оставиме настрана онаа емфаза на украси, растот на тревата и жуборењето на изворите, гласот на птиците, течењето на крвтта и топењето на снегот. Да ја баталиме пролетта на организмот. Туку дајте го овој млаз во срцето. Има душевна пролет, внатрешно разденување, искри на надеж. Пролет. Ќе се капеме во зеленкастиот кристал на реката, ќе ги протриеме мускулите и ќе ги свлечеме парталите; воздухот подлабоко ќе го вдишуваме. Развигор, развигорче. Еден здив или ветерче кое се вика така. Носител на полен. Правда на моќните суштества. Ќе работиме. Ќе јадеме еден чесен леб, темно испечен, ќе пиеме здрава вода од чешмите на крепките умови на древниот свет. Воздухот и небото ќе бидат полни со симпатија, и нешто ќе мафтаат, од високо. Паѓалки, снегулки. Не англиски пејсаж, ни аплски крајолик, ни вообичаениот мотив на Аркадија. Туку оние треперења и блаженства на атмосферата кои се на дофат на раката (исто како и сенката, како сончев зрак, како ѕвездите во езерото), електрицитет во нашите нерви и дух. Струја од природа во човекот. Манастир, ѕвона? Само нашата самотија, нашето мало сопче, ковчег помалку амбициозен од четиво пред матура, некаква градина која дише длабоко како момче на спиење. Простување во длабочината на перспективата. Мисли како ведро небо, инспирации со црвени и сини молњи. Скици во експлозија. Колку години имаме? Измами на регистрите. Млади сме, пролет е, крвта тече, белите дробови дишат слободно, надежта пупи. Просторот ги лечи очите, шарената сенка си игра со душата, полна со предизвикувачки темјанушки. Пролет. Вечните не стареат, живите не умираат, младите се будат во доцните години и траат како стебла, како искрени сокови од земјата. Соковите течат, лимфата шика, жарта боцка и жежи.

Нека не ми мине доброто чувство на пролетта во ниту една епоха, ни година од животот, во ниту една сезона од годината. Тоа е цветање на организмот, резонанца на заспаните жици, постојано раѓање на можноста на дарувањето и умствените сили. Еве ги повратниците, класјето, шишарките, бобинките. Пролетта ќе „понесе", ќе биде плодно. Не е пролетта само фикција или вистина на календарот. Пролетта е датум на живата душа, вечна и моќна, во нас, со нас. До мојата смрт нека не мине спасоносното чувство на пролетта, затоа што таа се состои од сили кои периодично јакнат, а после мојата смрт таа нека живее како мој сопствен и личен надгробен споменик, мој знак на препознавање, за доброчиние на другите, на човештвото, на сите.

Поздрав до неа. И кога нема да можете да ме изречете или да ме опишете, насликајте ме како млада жива пролетна гранка со две илјади цветови, која првата птица ќе ја почувствува како неодоливо и гиздаво пијанство, за така да пуштам лисја и гранки во јуначки и тешки времиња, со тешки плодови, гранки на благословот, во бреме на смртоносно уживање, во експлозија на зеленило - за така да цветам, да брефтам, да пукам во просторот.

Тин Ујевиќ

24 март 2012 - 09:19