Kлипче какво што ретко се гледа

Наука како реално шоу

Ги знаете оние емисии, кога ќе им дојдат на врата и ги снимаат како реагираат на некаква вест. Што би можеле да ви кажат за да ви се сврти во глава, да барате сто пати да ви се повтори за да поверувате, и на крај да отворите шампањ? Пример...пет сигма на точка два?

Во понеделникот тим научници соопшти дека телескопот BICEP2 на јужниот пол регистрирал гравитациски бранови кои се ехо на Биг Бенг, на малецок дел од секундата после него, што е во склад со теоријата за ширење на универзумот наречена „Инфлација“ (за што на сајтов пишуваше тука).

Универзитетот Стенфорд објави видео во кое еден истражувач од тимот, Чао-Лин Куо ненајавено доаѓа дома кај Андреј Линде, професор по физика на истиот универзитет, кој бил пионер на инфлациската теорија развиена во 1980-тите. Вратата ја отвараат професорот и жена му, исто така физичарка, а Куо свечено им вели: „Пет сигма е, на втора точка".

Жена ко жена, побргу мисли, и веднаш му приоѓа на Куо и го гушка. За разлика од неа Линде е сосема збунет, и бара да му се повтори: „Пеет сигмаа", му вели полека колегата, а на професорот почнува видливо да му се врти и едвај стои на нозе. Работата е што „сигма" е ознака за степенот на доверливост на резултатот, а колку што е нејзината вредност поголема, толку е помалку веројатно тој да е случаен (што ќе каже погрешен). Сигма пет е да речеме исто толку веројатно колку и дека нема да добиете седмица на лото следното извлекување. Значи, прилично веројатно.

„Ова е момент на разбирање на природата од толкаво значење што восхитува", вели Линде во видеото со неговиот тежок руски акцент. „Да се надеваме дека не е трик. Секогаш го имам тоа чувство. Што ако некој ме мами? Што ако верувам во нешто само затоа што е убаво?".

Кога некој ѕвонел на вратата жената на Линде прашала дали тој можеби нешто нарачал. „Да, нарачав, и еве го дојде триесет години подоцна", се шали сега тој. Убаво е да се види резултатот од макотрпна работа после толку време, а исто е убаво и да се види искрената човечка реакција на радост која ретко ја гледаме од научниците, едноставно затоа што нивната работа не е секогаш интересна за јавноста, која на нив гледа како на жители на некоја „кула од слонова коска“. Оттаму и клипчево е стварно интересно, затоа што е мешавина на нешто што екстремно припаѓа на поп културата, и нешто што стереотипно не припаѓа таму - естетика на реално шоу применето врз наука.

20 март 2014 - 07:27