Научниот експеримент кој ќе трае следните 500 години

Во 2014 неколкумина микробиолози започнаа студија која го редефинира терминот „долгорочна“. Затоа што трае, ни помалку ни повеќе, колку пусто турско.

Во 2514 некои идни научници ќе дојдат на Универзитетот во Единбург (доколку тој сè уште постои), ќе отворат една дрвена кутија (под претпоставка дека таа нема да се скрши или загуби) и таму ќе најдат стаклени садови во кои ќе има тогаш веќе 5 векови стара бактерија. Ова ќе значи дека експериментот не е заборавен, а и дека науката сè уште постои петстотини години од сега.

До тогаш, научниците кои го имаат осмислено експериментот - Ралф Мулер, микробиолог во Германскиот аеронаутички центар, и неговите британски и американски колеги, одамна ќе ги нема. Никогаш нема да ги дознаат одговорите на прашањата кои ги мачеле во 2014, за животниот век на бактеријата. A идејата за целата работа се родила кога соработник на Милер од Универзитетот во Единбург заборавил - цели десет години - сад со Chroococcidiopsis, за да открие дека клетките во него се сè уште живи. И тоа не е ништо во споредба со научници кои оживеаа бактерии од 118 години стари конзерви со месо.

Животот на нашата планета не е ограничен со човечки стандарди па оттаму е потребно во вакви истражувања да се излезе вон опсегот на човечкиот животен век. Физички, 500-годишниот експеримент се состои од 800 едноставни стаклени садови кои содржат или Chroococcidiopsis или (колку суптилно име) Bacillus subtilis. Тие се заштитени со олово од радијација или космички зрачења кои можат да ја оштетат нивната ДНК. Секоја втора година во првите 24, и потоа секој четврт век во следните 475 години, научниците треба да ги тестираат исушените бактерии за можни оштетувања. Првите наоди беа објавени минатиот месец.

Тимот има оставено УСБ со инструкции, иако со оглед на тоа колку бргу се развива технологијата ова може многу скоро да се покаже како несоодветно. Оттаму, за секој случај, има и копија на хартија. Сепак истражувачите бараат од нивните колеги од иднината доколку е потребно да ги копираат упатствата на јазик и на носач кои сметаат дека би бил најсоодветен за времето во кое ќе живеат.

Милер и неговите колеги се можеби најамбициозните кои смислиле долгорочен експеримент, но имало и други. Во 1927, физичар по име Томас Парнел ставил катран во стаклен сад и чекал високо вискозната супстанца да почне да капе - нешто што на собна температура може да се случи еднаш во неколку години. Парнел умрел, а старателството над експериментот минал низ рацете на повеќе физичари, кои ја регистрирале последната капка во април 2014.

Извор

28 јануари 2019 - 08:31