Наскоро излегува загубениот албум на Мајлс Дејвис

Се вика „Рабербенд“ и е направен под влијание на дигиталната револуција во музиката од 1980-тите.

Појавата на дигиталните синтисајзери и семплерите не ги одминале ни џез музичарите од осумдесетите на минатиот век. Еден од оние кои од денешен аспект со голем успех ги вградил во својата музика бил Мајлс Дејвис. Но неговиот албум „Туту“ од 1986, на кој тој ги снимил своите трубачки солоа врз раскошен електронски звучен пејзаж и ритам машини, ја поделил публиката и критичарите. Како што и денес многумина со зазор гледаат на вештачката интелигенција и на нејзината врска со уметноста, и тогаш на тенденцијата на мешање на џезот со технологијата се гледало како на ризик уметноста да ѝ се потчини на машината. Но во рацете на Дејвис било создадено дело кое и денес е инспирација за многумина.

Во истото време Дејвис снимил уште еден албум, „Рабербенд“, кој никогаш не добил шанса да изврши какво и да е влијание. Ова наскоро ќе се смени, бидејќи албумот полн фанк, соул и денс, ќе биде издаден оваа есен.

Тој е финализиран од неговите оригинални продуценти, Ренди Хол и Зејн Џилс, како и со помош на внукот на Дејвис, Винс Вилбурн џуниор кој свирел тапани на албумот. На прво слушање, тој звучи визионерски, како лежерен нео-соул чиј звук ќе доминира дури деценија подоцна, иако не е јасно дали ваквото „пеглање“ е резултат на свежи студиски одлуки. Засега впечатокот е само од една песна, насловната, која е издадена во пет различни верзии. Еве една од нив, на која се слуша вокалот на пејачката Ледиси. Ако е целиот во ваков стил, тој тешко дека може да се нарече џез албум во строга смисла на зборот, повеќе е некоја мешавина на хип-хоп со фанк. Без оглед, целосниот ќе може да се слушне на 6 септември, кога ќе излезе со насловна насликана од самиот Дејвис, како прв негов албум за Варнер брос.

18 јуни 2019 - 11:03