Најинтересните книги во 2016

„Наркономикс: како картелите функционираат како Волмарт и Мекдоналдс“

Започнуваме серија во десет продолженија во која ќе ви ги претставиме најиновативните, најинтересните и најзначајните книги од различни жанрови и области во годината која полека изминува. Започнуваме со една прилично практична тема - како, ако баш решите, да создадете нарко-картел.

Том Вејнрајт, авторот на „Наркономикс“, кога станал дописник за Економист во 2010 од Мексико (денес е уредник на истиот весник за Британија), разбирливо се нашол како среде епизода на „Наркос“ или „Брејкинг бед“. Најдоходовните бизниси биле трговијата со текила, нафтената индустрија и - нелегалното производство и продажба на дрога.

„Една недела пишував за автомобилскиот бизнис, следната за трговијата со дрога. Постепено сфатив дека овие два бизниса се многу поблиски отколку што вообичаено се мисли“, изјавил Вејнрајт запрашан за мотивите заради кои ја напишал оваа книга.

Во текот на трите години кои ги минал во Мексико, централна и јужна Америка, тој сфатил дека картелите кои ја контролираат трговијата во регионот користат бизнис модели кои се изненадувачки слични на големите супермаркети и брендовите. На пример, тие имаат ексклкузивни односи со нивните „доставувачи“ (оние кои ја одгледуваат коката), што им овозможува на картелите да ја одржуваат стабилна цена на кокаинот, дури и кога производството на растението заради нешто ќе се намали. Ова според него спаѓа во она што економистите го нарекуваат „монопсонија“, нешто како монопол ама во областа на купувањето.

Вејнрајт ја опишува книгата како „бизнис прирачник за нарко-босови“, но истовремено таа е и водич за тоа како тие би можеле да се победат. Тој вели дека владите би можеле да ја водат целата работа подобро доколку воведат контролирана легализација, а не џабе да се мачат да ја искоренат трговијата.

„Изборот со кој се соочуваме не е помеѓу свет без дрога и свет со дрога“, вели тој, „изборот е помеѓу свет во кој дрогата е контролирана од владите и препишувана од фармацевти и доктори, и свет во кој со неа се занимава мафијата. Со оглед на овој избор, првото ми изгледа попривлечно“.

Вашите предлози за книги на 2016 тука.

3 декември 2016 - 10:36