Писмо на Курт Вонегат до средношколци

Направете душата да ви расне

Во 2006, на ученици од едно средно училиште во Њујорк им била дадена задача да си ја тестираат моќта на убедување преку пишуван текст - да натераат некој од нивните омилени автори да го посети школото. Испратиле многу писма, но им одговорил само еден.

Петорица ученици го одбрале Курт Вонегат, а тој, иако во писмото им објаснува зошто не може да дојде, сепак им дава еден прекрасен совет. Еве го:

5. ноември, 2006

Ви благодарам на вашите пријателски писма. Дефинитивно знаете како да расположите едно старо дртало (84) на залез. Не се појавувам веќе во јавност затоа што почнувам да личам на игуана.

Сепак, она што ќе сакав да ви го кажам и така немаше да биде долго: практикувајте каква и да е уметност, музика, танцување, пеење, глума, цртање, сликање, вајање, поезија, фикција, есеи, репортажа, без оглед како ви оди, но не за пари или слава, туку за да искусите што значи да се стане нешто, да откриете што има внатре во вас, да направите душата да ви порасне.

Сериозно! Мислам да почнете баш сега, создавајте уметност и правете го тоа до крајот на вашите животи. Нацртајте смешна или убава слика од г-ѓа Локвуд (професорката по англиски), и подарете ѝ ја. Играјте до дома после школо, пејте под туш. Направете лик во пирето. Глумете дека сте гроф Дракула.

Еве ви една задача за вечерва, се надевам дека г-ѓа Локвуд ќе ве казни ако не ја исполните: напишете песна од шест стиха, во врска со што и да е, но римувана. Нема фер тенис без мрежа. Напишете ја колку што можете подобро. Но не му кажувајте никому дека го правите тоа. Не му ја покажувајте или рецитирајте на никого, дури и на вашата девојка или на вашите родители, или на г-ѓа Локвуд. Ок?

Потоа искинете ја на мали мали парчиња, и фрлете ја во корпа. Ќе сфатите дека веќе сте биле наградени за вашата песна. Сте искусиле бидување, сте научиле многу за она што лежи во вас, и сте направиле душата да ви расне.

Господ нека ве благослови!

Курт Вонегат

30 октомври 2013 - 17:02