Најдобри научно-популарни книги на 2019

Книгите од овој жанр нудат можност да се исчекори од постојаниот тек на драматични научни откритија и да се анализираат пошироките последици од истражувањата кои се во тек. Книгите на овој список се обидуваат да ја следат долгата приказна за тоа како луѓето станале такви какви што се денес, да ја истражат промената околу нас и ограничувањата на нашето знаење.

"Потекла: како историјата на земјата ја има моделирано човечката историја"

Во оваа книга астробиологот Луис Дартнел ги анализира суштинските начини на кои геологијата на нашата планета го има моделирано развојот на луѓето и на човечките општества. Во источна Африка на пример, една пукнатина во земјината кора создала високо варијабилна клима на која човечките предци морале да се прилагодат, со тоа што во поголема мерка почнале да се потпираат на алатки и на општествена соработка. Топењето на ледниците довело до потоплите и повлажните услови на холоценот, кои овозможиле подем и ширење на земјоделието. Атмосферските сили не се нешто вон развојот на човечката цивилизација - напротив, тие одиграле главна улога во минатото, а истите ќе бидат и најзначајни елементи на иднината.

„Зуење, бодење, касање: зошто ни требаат инсектите?"

Некои инсекти шират болести, други касаат или бодат, а повеќето се само многу досадни. Но овие животни не се само „зујачи“ - тие се значајни опрашувачи, извор на храна за поголемите видови, играат огромна улога во распаѓањето на органската материја, и нè чуваат од штетни организми. Професорот по конзервациска биологија на Норвешкиот универзитет за животни науки, Ан Свердуп-Тигесон, се осврнува на заканите со кои се соочуваат инсектите, како климатски промени, губење на живеалишта, пестициди, загадување со светлина итн. За да ни ја скроти аверзијата кон инсектите авторката нè внесува во нивниот прекрасен свет. Таа ни го претставува одблиску, на пример, опрашувачот на какаото, Forcipomiyia squamipennis, без кого би немало чоколадо. А каков свет би бил тоа?

„Супериорни: враќањето на расата во науката“

Во оваа книга, новинарката специјализирана за научни теми, Ангела Саини, детално ги истражува расистичките предрасуди во научните студии, и штетата и насилството кои ваквите истражувања можат да ги поттикнат. Од археологија и антропологија, преку билогија и генетика, истражувачите низ светот и денес продолжуваат да ги групираат луѓето според расата и да бараат вродени карактеристики кои ги одделуваат различните групи, често доаѓајќи до неточни и опасни заклучоци. На пример, научниците долго време барале биолошка причина за високите стапки на хипертензија (висок крвен притисок) кај Афро-Американците. Но Саини дава докази дека факторите на околината, како дискриминацијата и сиромаштијата, можат да доведат до хиптертензија, а дека руралните Африканци всушност имаат многу пониска стапка на висок крвен притисок. „Супериорни“ нè потсетува да бидеме внимателни кога читаме за „објективни“ научни истражувања.

„Невидливи жени: пристрасни податоци во свет дизајниран за мажи“

Голем дел од нашиот свет - од медицина до технологија - е дизајниран земајќи ги предвид мажите, а новинарката Каролин Криадо-Перез има доволно податоци за ова и да го докаже. Во книгата, добитник на наградата на Кралското здружение за наука, таа прикажува цела серија примери, статистики, истражувања и податоци кои покажуваат колку голем дел од нашиот свет не е соодветно моделиран за женски потреби. На пример, смартфоните се направени така за да пасуваат на просечна машка рака, препознавањето глас се „тренира“ на машки гласови, а истражувања на срцеви проблеми главно се прави со тест-групи составени од мажи. Оваа пристрасност создава свет во кој жените минуваат 2.3 пати подолго време во купатила дизајнирани за машки тела, но исто така можат и во 50% повеќе случаи да бидат погрешно дијагностицирани ако имаат срцев удар. Ова покажува како општеството и науката систематски имаат игнорирано потреби на половина од светското население.

„Тело: прирачник за жители“

Шеснаесет години по објавувањето на славната книга на Бил Брајсон, „Кратка историја на речиси се’“, овој луциден автор се враќа со книга за функционирањето на човечкото тело. Поглавјата се фокусираат на човечката анатомија, од нашата кожа и мозоци до скелетот и илјадниците микроби кои живеат во нас. Вклучена е историја на медицината и на хирургијата, и понекогаш страшниот свет на болестите.

„Меурот на реалноста: слепи точки, скриени вистини и опасните илузии кои го моделираат нашиот свет“

Новинарката Зија Тонг во три поглавја објаснува како луѓето искусуваат само мал исечок од реалноста - други животни можат да гледаат ултравиолетова светлина и со поразвиените сетила на сосема различен начин да го доживуваат светот. За да погледнеме внатре нашите тела ни требаат рентгенски зраци. Користиме микроскопи за да видиме мали нешта и телескопи за далечни и масивни предмети. Но сите овие пронајдоци ни даваат можност буквално да се издигнеме над нашите биолошки можности. Сепак често имаме тенденција да игнорираме значајни аспекти, создавајќи илузии и погрешни наративи кои можеби привремено нè тешат, но долгорочно се штетни и опасни по нашиот опстанок.

избор: Смитсонијан

11 декември 2019 - 19:49