Најдобри книги за деца 2018

Изборот е од книги на англиски јазик, како идеја за нивно преведување, или за поттикнување на домашните автори повеќе да пишуваат за деца.

Водич за истражување на Атлас Обскура за најголемиот авантурист меѓу децата

Атлас Обскура е интересен сајт каде се објавуваат необични факти и приказни од различни делови на светот. Овој водич е избор на такви места за деца, но и не само тоа. Почнува со список за пакување, кој содржи сè, од крема за заштита од сонце до храна за кози („во случај да наидете на слатки, гладни козички“).

Потоа следи опис на 100 интересни места на планетава во скоро 50 земји. Авторите Дилан Турас и Розмари Моско опишуваат природни феномени, како Крвавите водопади на Антартикот, потонати градови, морничави катакомби и напуштени забавни паркови. Единствената нуспојава на која треба да биде подготвен секој родител е - однеси ме (во Ѓаволовиот базен во Замбија, на пример)!

СОБИРАЧОТ НА ЗБОРОВИ

oд Питер Х. Рејнолдс

Книгата го претставува учењето на јазик (без оглед дали е мајчин или странски) како интересна игра. Главниот лик, Џером, е логофил кој собира зборови, ги организира, но кога случајно ќе му се истурат создава поезија и песни од настанатиот хаос.

КАКО ДА КОДИРАШ КУЛА ОД ПЕСОК

од Џош Фанк

Непрофитната организација „Девојчиња кои кодираат“ објави забавна приказна за девојче по име Бисера (Прл) која го програмира својот робот, Паскал (паскал - како програмскиот јазик, а можеби и како филозофот), да изгради совршена кула од песок. Составувајќи ги инструкциите, таа на читателите им претставува различни кодирачки термини, на пример секвенца и луп. Писателот Џош Фанк прави приказна која делува како природно да ги вклучува овие концепти, а не ги сили.

БЕБИЊА ФЕМИНИСТИ

oд Либит Бабот-Клајн (текст) и Џесика Вокер (илустрации)

Поентата на книгава е да покаже дека дури и најјаките жени во историјата некогаш биле (чудо!) бебиња. Токму во таква, бебешка форма, на децата им се претставуваат сликарката Фрида Кало, астронаутката Ме Џемисон, тениската ѕвезда Били Џин Кинг, и (ова не морале) Јоко Оно. И сите тие дизајнерски средени така да асоцираат на нивните возрасни варијанти (бебе со споена веѓа во случајот на Кало:)

11 декември 2018 - 09:11