Најчуден наслов на годината 2013

Британците се познати по необични книжевни награди. Награда за лош секс во фикција за „најзасрамувачките пасуси на сексуален опис во роман", „Секирче на годината" за најостра книжевна критика, но и наградата Дијаграм, за најчудниот наслов на книга на годината.

Воведена на Франкфуртскиот саем уште во 1978, таа сакала да привлече внимание кон една потценета уметност - онаа на пишувањето наслови, кој често е клучен за продажбата на некоја книга, без оглед на нејзиниот автор и на нејзината содржина.

„Кратка историја на трактори во Украина", еден од добитниците, до денес е продадена во милион копии, а за книгите како „Ловење лосос во Јемен", „Стогодишниот човек кој се качи до прозорецот и исчезна" и „Грчкиот селски поштар" веројатно никогаш не би слушнале да не се нивните необични и наградени наслови.

Во финалето за наградата која денес се вика Bookseler/Diagram, според организаторот, порталот The Bookseler, оваа година влегоа шест наслови:

Како покривачите за чајник го променија светот
(How Tea Cosies Changed the World),
Како да острите моливи (целосен наслов: How to Sharpen Pencils: A Practical & Theoretical Treatise on the Artisanal Craft of Pencil Sharpening for Writers, Artists, Contractors, Flange Turners, Anglesmiths, & Civil Servants),
Поткровјата на Северна Америка: куќички за гулаби
(Lofts of North America: Pigeon Lofts),
Дали Хитлер бил болен (Was Hitler Ill?),
Божјиот стап: Животот и историјата на пенисот (God's Doodle: The Life and Times of the Penis) и
Заштита од гоблини на вашиот кокошарник и други практични совети во нашата кампања против волшебните суштества
(Goblinproofing One's Chicken Coop). 

Во тек е гласање на сајтот на организаторот, а наградениот наслов ќе биде прогласен на 22. март. 

Минатогодишниот победник е „Готвење со Пу". Пу е готвачka од Тајланд чие име значи „рак", но на англиски poo е она што се јаде само метафорично.

Oд домашните наслови гласаме за „Нанониче метод на законот на вистината“. 

27 февруари 2013 - 08:29