Со контроверзноста се претера

На луѓето им се повраќа од новиот филм на Трир

„Гаден“. „Претенциозен“. „Да ти се слоши“. „Тортура“. Ова се само некои од описите на новиот филм на Трир кој беше премиерно прикажан на Канскиот фестивал. Филм кој според многумина никогаш и не требало да биде снимен.

„Куќата што ја изгради Џек“, со Мет Дилон и Ума Турман во главните улоги, го следи ликот и мрачното дело на сериски убиец во тек на неколку децении. Уште во неговата најава беше јасно дека ќе содржи насилни сцени и бруталност, па директорот на Канскиот фестивал, Тиери Фремо, одлучи со оглед на контроверзноста тој да биде прикажан вон конкуренција.

Но очекувањата беа надминати откако повеќе од 100 луѓе излегле од проекцијата, заради тоа што не можеле да го издржат мачењето. „Тој унакажува деца а ние треба свечено облечени да седиме и да го гледаме тоа?“, реагирала една гледачка. Во сцената со децата која предизвикала најголем број излегувања од салата ликот кој го глуми Дилон застрелува две од нив на семеен пикник во главата. Но има и други грозотии, како на пример сечење женска града или изживување врз патка. Дел од филмот се и документарни снимки од концентрациони логори.

Ова е долго очекуваното враќање на Трир во Кан по неговото прогласување за непожелен во 2011, откако на прес конференција се шалеше дека е симпатизер на нацистите. Тогаш организаторите одлучија дека таквите коментари се неприфатливи и спротивни на идеалите на хуманост и великодушност, кои според нив се одлика на фестивалот.

Сепак минатиот месец Кан ја отстрани забраната, заради тоа што таа била непропорционално строга, и наводно ја извршила својата функција. Ова сепак наиде на критики и во светлината на неодамнешните обвинувања, на пример на Бјорк (за што пишувавме тука), за Трир не како симпатизер на нацисти туку како некој што сексуално ја малтретирал.

За волја на вистината, оние што успеале да останат до крајот на двоиполчасовната проекција на крај го поздравиле со десетминутни стоечки овации, исто како и претходно оној на Спајк Лик за БлекКклансмен. Нам пак ни беше шубе да го изгледаме дури и трејлеров

16 мај 2018 - 12:48