„Ш’ц мала“ како социјален лубрикант?

Музата на Пикасо ги налути феминистките

За Франсоза Жило се раскажува дека била толку убава, што кога Пикасо прв пат ја видел во ресторан станал и со чинија полна цреши отишол на нејзината маса. Иако била 40 години помлада од него (кога се запознале таа имала 21, тој 62), таа цела деценија била негова љубовница, муза и мајка на две нивни деца. Сега, на 93 години, има нова книга, која ги налути жените.

Ова не е прв пат Жило да предизвикува контроверзи. Автобиографијата „Животот со Пикасо" продадена во милион примероци веднаш по објавувањето во 1965, го разгневила славниот сликар, но книгата не била повлечена и покрај неговата тужба и барање тоа да се стори. Новата книга е провокативна на поинаков начин. Се вика „За жените: разговори помеѓу писателка и сликарка", а е направена во соработка со американската писателка Лиза Алтер, авторка на романот-бестселер од 1970-тите „Кинфликс", кој се смета за феминистичка класика. Како долгогодишни пријателки, тие отворено ги дискутираат „дилемите, добрите страни и предизвиците на тоа да си жена".

Она што е оценето како контроверзно во ставовите на Жило во книгата е нejзиниот отпор кон политичката коректност кога се во прашање машко-женските односи. Според неа, вештачки создаваното чувство на рамноправност и наводна почит базирана на табуизираната еротичност кога-тогаш „пука", бидејќи се доживува како нешто наметнато, односно како репресија.

„Во Франција веројатно има помалку случаи на силување затоа што луѓето се помалку притиснати. Ако некој маж ти свирне на улица, а ти само се насмевнеш, тоа ги подмачкува социјалните запчаници и ја намалува тензијата помеѓу класите и половите. Тоа е еден вид размена која го прифаќа постоењето на другиот, па во таа смисла не го третира како објект", вели таа.

Алтер во книгата не се согласува со ова, велејќи дека американските жени „се гнасат од тоа да бидат претворени во објекти, знаејќи дека секоја будала на улица може да им пристапи и сексуално и физички, често на сила". Вака, а и поостро, реагираше и голем дел од јавноста.

Но зошто да го претпоставуваме најлошото во другиот?, прашува Жило. „Секогаш има суптилен амбиент на еротика на улиците, во воздухот на Париз. На пример ако одите на пазар и одбирате праски, кога ќе го прашате продавачот 'Дали праскиве ви се зрели?' тој може да ви одговори со благо намигнување, затоа што праската се смета за женски симбол. Ова не е грубо, а потсетува на еротиката на животот...Кога на улиците ви свиркаат тоа е комплимент, а не вовед во нешто поинакво. Ако денес слушнете три свирежи и четири позитивни коментари на улица од непознати мажи, не ви треба огледало за да знаете дека сте во добра форма".

Најбурно на ваквите „лабави" ставови на Жило реагираа од организациите за заштита на жените од насилство кои сметаат дека идејата за „свиркачите" (wolf-whistlers) како за шегобијци е далеку од тривијална, а дека ваквите совети какви што ги дава авторката во некои контексти можат да бидат дури и опасни.