Mултимедијална изложба посветена на Велвет Андерграунд во Париз

Група како оваа можела да се состави само во Њујорк од шеесетите на дваесетиот век. Но 50 години по снимањето на нивниот прв албум, Велвет Андергрануд е тема на голема мултимедијална изложба, не во Големото јаболко, туку во концертната сала на Париската филхармонија.

Изложбата се отвори на 30 март со концерт во Филхармонијата на еден од некогашните членови, Џон Кејл, како и други гости музичари, меѓу кои Марк Ланеган и Пит Доерти, кои главно изведуваа песни од антологискиот албум The Velvet Underground & Nico, оној со бананата на Ворхол на корицата. Придружните настани поврзани со изложбата вклучуваат симпозиум, музички работилници и прикажување на филмови и видеа.

Наместо да се обидува да следи некаква детална хронологија на појавата и развојот на бендот, изложбата се фокусира на контекстот кој овозможил тој воопшто да постои: Њујорк и неговите уметници, филмаџии и музичари во средината на 1960-тите.

„Без Њујорк Велвет немаше да постои", изјавил Кристијан Ферве, главниот куратор на изложбата. „Тоа е единственото место каде толку различни луѓе како Лу Рид и Џон Кејл воопшто можеле да се сретнат."

Ферве, во тек на неколку години колку што ја подготвувал изложбата, барал луѓе кои познавале членови на Велвет Андерграунд и ги интервјуирал во врска со Њујорк онаков каков што бил во тој период. Еден од неговите извори бил Џерард Маланга, американски поет и фотограф кој бил асистент на Ворхол. Тој отстапил голем дел од неговиот архивски материјал, но и му овозможил контакти со други релевантни соговорници.

Изложбата започнува со објаснување на околностите во кои се сретнале Рид, Американец, и Кејл, по потекло од Велс, родени со една недела разлика на различни страни на Атлантикот. Филм направен за оваа прилика ги претставува нивните паралелни биографии: психичките проблеми на Рид и електро-шоковите на кои бил подложен како тинејџер, и успешните почетоци на Кејл во класичната музика, најпрвин во Лондон, а потоа и во Њујорк, каде се сретнал со Рид.

Таа вклучува и фотографии на личности важни за историјата на бендот, како и документарни снимки што се проектираат на платна закачени на ѕидовите. Под проектираните слики се поставени душеци за посетителите да лежат и да ги гледаат, додека ја слушаат музиката на Велвет. Ние ќе си ја слушаме дур лежиме на сопствениот душек, и ќе замислуваме дека сме во Париз и дека е недела сабајле.

7 април 2016 - 16:06