25 години од една холивудска бајка

Мрачното оригинално сценарио за „Прекрасна жена"

Филмот којшто се смета за антологиски во жанрот романтични холивудски филмови, во првичната верзија не бил ни од далеку таков. Како дошло до тоа мрачен филм за зависничка-проститутка и богаташ-кретен да стане современа бајка?

Пред точно 25 години еден мал филм со подзаборавен актер и сосема непозната актерка направи р'шум. Приказната слична на Пепелашка, за холивудската проститутка и богаташот кој станува нејзин спасител од Џулија Робертс направи ѕвезда, повторно го актуелизираше Ричард Гир, заработи 463 милиони долари и лансираше бран од романтични комедии карактеристични за 1990-тите. Но истовремено, овој филм стана антологиски пример за тоа како откако едно сценарио ќе влезе во холивудската машина, на другиот крај може да излезе непрепознатливо.

Оригиналното сценарио (достапно тука) на Џонатан Лоутон било насловено како „3,000 долари", според сумата којашто Едвард (Гир) ѝ ја плаќа на Вивијан (Робертс) за нејзиниот еднонеделен ангажман како негова партнерка во Лос Анџелес. И до тука звучи познато и слично на „Прекрасна жена". Но првичното сценарио било мрачно и депресивно, според зборовите на Робертс „ужасна приказна за двајца грозни луѓе", при што нејзиниот лик бил „терсене, безобразна, необразована проститутка, зависничка од дрога“. Такви се и првите сцени од „3,000 долари", во кои Вивијан и нејзината цимерка преговараат со дилер:

А ова е првиот муабет помеѓу Вивијан и Едвард, кој исто така не го преживеал „уредничкиот процес":

Сосема се изменети и сцената во која Едвард ѝ прави друштво на Вивијан додека таа купува скапа облека, а во оригиналната на онаа во којашто тој ја брани нејзината чест од колегата кој ѝ се пушта, тој всушност му ја нуди. Но најзабележителна е разликата помеѓу двете завршници на нешто што всушност изгледа како два сосема различни филма. Во оној којшто го знаеме, „витезот" со лимузината се качува по пожарните скала за да ја „спаси", и тие живеат среќно до крајот на животот. Во оригиналот работата не е ич романтична - Едвард ја исфрла Вивијан од кола, ѝ фрла коверт со пари, и целата работа завршува со нејзините зборови: „Оди по ѓаволите! Те мразам!"

Како дошло до ваквата драстична промена на жанрот? Бришењата и препишувањата почнале откако сценариото го купила фирмата на Дизни, Touchstone Pictures, и му го дала на режисерот Гери Маршал. Тој донел уште тројца сценаристи, биле направени уште три верзии, за на крај да дојде до она што го знаеме како современа бајка.

Ова не значи дека „Прекрасна жена" е лош филм - го имаме гледано десетици пати, забележувајќи ги меѓу другото и моментите на „лајт" феминизам и нешто што критичарите го толкуваат како марксизам (или блага критика на либералниот капитализам). А Робертс, откако од улогата се откажале еден куп други актерки (Мишел Фајфер, Винона Рајдер, Дерил Хана, Мег Рајан) на само 21-годишна возраст со право беше номинирана за Оскар.

А еве како изгледа екипата денес, 25 години подоцна:

24 март 2015 - 09:15