Мрачната страна на интелигенцијата

Коментарот дека некој е неинтелигентен (читај: глуп) не се однесува само на неговите ментални способности. Тој низ историјата знаел да биде и пресуда, за тоа што тие луѓе смеат, а што не смеат да прават, а таков е и денес. Интелигенцијата, со други зборови, е политичка.

Понекогаш квантифицирањето на интелигенцијата и нејзиното мерење, како да е крвен притисок или број чевли, има некаква логика. Сакаме докторите, инженерите и политичарите да не бидат глупи. Но тоа има и мрачна страна. Исто како што одредува што може да прави одреден човек, коефициентот на интелигенција одредува и што може да му се прави. Низ западната историја оние за кои се сметало дека се помалку интелигентни, како резултат на оваа проценка биле колонизирани, поробувани, стерлизирани и убивани (а и јадени, ако ги вклучиме во нашето броење и нечовечките интелигентни животни).

Ова го вели Стивен Кејв, директор во Центарот за иднина на интелигенцијата на Универзитетот во Кембриџ за Аеон. Секако, опасноста од интелигенцијата не е нова тема. Но проблемот добива нови димензии во 21 век со подемот на вештачката интелигенција. За да разбереме зошто таа истовремено нè привлекува и нè плаши треба да ја разбереме интелигенцијата како политички концепт, а особен нејзината долга историја како оправдување за доминација.

Самиот термин „интелигенција“ никогаш не бил популарен кај филозофите од англо-саксонското јазично подрачје. Ниту пак тој има директен превод на германски или на старогрчки. Но тоа не значи дека филозофите не биле заинтересирани за него. Напротив, тие биле опседнати со овој концепт, но како дел од разумот или рационалноста. Терминот почнал да доминира со воспоставувањето и подемот на психологијата, која си ја презела интелигенцијата за себе. Иако денес голем број научници промовираат нејзино пошироко сфаќање, разумот останува суштински дел од неа.

Приказната за интелигенцијата почнува со Платон. Во сите негови дела тој ѝ припишува висока вредност, како способност за мислење. Во „За државата“ го прогласува идеалниот водач за „крал на филозофите“, и на тој начин ја промовира идејата дека најпаметните (најинтелигентите) треба да владеат врз другите - вид интелектуална меритократија.

Оваа идеја на времето била револуционерна. Атина веќе експериментирала со демократија, но за да се учествува во неа било доволно да си возрасен машки граѓанин, а не и нужно интелигентен. Сега, и оваа карактеристика влегла во описот на белиот, образован, машки Европеец. Неговата интелигенција станала аргумент за правото тој да доминира врз жените, врз пониските класи, врз нецивилизираните луѓе и врз животните. Една генерација по Платон, Аристотел веќе го опишува владеењето на мислечкиот човек како очигледно и природно.

Во подоцнежната историја „логиката“ според која множеството „глупави“ ги сочинуваат „примитивните“ народи, сиромашните, жените и животните била причина за колонијализмот, патријархатот, еугениката. А тестирањето на формалната интелигенција, наместо да ги релативизира или целосно отфрли ваквите ставови, долго време ги поддржувало.

За основач на психометриката најчесто се смета сер Франсис Галтон, роднина на Чарлс Дарвин. Тој верувал дека интелектуалната способност е наследна и дека може да се култивира преку селективно репродуцирање. Одлучил да најде начин научно да ги идентификува најспособните членови на општеството и да ги поттикне да се размножуваат едни со други. Останатите не само што не требало да се репродуцираат, туку во тоа требало да бидат и спречени. Така, тестот за интелигенција е роден истовремено со еугениката, и тој послужил како основа голем број жени низ Европа и Америка да бидат насилно стерилизирани, откако покажале ниски резултати на него. Само во Калифорнија како резултат на (наводно) низок ај-кју биле стерилизирани 20.000 жени.

Критиките на овие постапки, започнати уште со Хјум, Ниче и Фројд, доведуваат до тоа денес тестовите за интелигенција да не се секогаш основа за одредување на социјалната „ниша“ на поединецот - неговите шанси за влез на престижен универзитет, или за добивање повисока работна позиција. Освен интелигенцијата се земаат предвид и други квалитети како креативност или способност за тимска работа. Но фактот дека два милениуми сме се фокусирале на идејата на интелигенцијата како основа за привилегија и доминација објаснува зошто денес се плашиме од супер-интелигентни роботи, кои би можеле да доминираат, но сега над целото човештво. Ако сме ја апсорбирале идејата дека поинтелигентните можат да ги колонизираат помалку интелигентните, и дека тоа е нивно право, тогаш е природно да нè фаќа јанѕа од шансата да нè поробат нашите супер-умни креации. Ако си ги оправдуваме сопствените позиции на моќ и просперитет преку доблеста на нашиот интелект, тогаш е разбирливо зошто ја сметаме вештачката интелигенција за егзистенцијална закана.

Ваквиот страв е особено нагласен кај белите мажи, кои немаат поминато низ долга историја на доминација и се навикнати да бидат на врвот на хиерархијата. Тие имаат и најмногу да загубат доколку некои нови ентитети се наметнат во области кои традиционално се користени за да се оправда машката супериорност. Но она што тие го забораваат е дека една од карактеристиките на филозофите е да не копнеат да станат кралеви, затоа што повеќе сакаат да мислат отколку да владеат. И источните традиции го негуваат овој идеал, на интелигентниот човек како некој кој ги одбегнува стапиците на моќта како чиста суета, и кој се држи настрана од тривијалностите на секојдневието.

Тогаш, ако ги замислиме дека најинтелигентните не се оние кои инсистираат дека имаат право да владеат, туку оние кои медитираат на одалечени места, ослободени од световни копнежи, дали повотрно би се плашеле од роботи кои се поинтелигентни од нас? Или вистински оправданиот страв е од луѓе кои се доволно суетни да владеат, а недоволно интелигентни за разумно и етички да се однесуваат?