Синан Гуџевиќ

Море, мори бре

Уште од мали нè учат дека „мори“ и „бре“ се навредливи, и никако не смеат да се користат особено за обраќање кон постари. Синан Гуџевиќ, брилијантен како и секогаш, не само што ни ја покажува славната историја на овие „узречици“, туку и дека тие нè спојуваат како балкански културен простор. Бре, бре..

„Бре“ дошло од Грција. Тргнало од трагедијата, па преминало во комедија. Тогаш обликот му бил „море“ (μῶρε), што е вокатив од именката морос, со значење луд, болен, блесав. Тој облик се има одржано и до ден денес, и може да се нарече силен. А силен е и вон граматиката, затоа што се има раширено и на други земји, и влегол и во други јазици. Подоцна, во 14 век, се стабилизираат и синкопирани облици мре, мбре, пре, бре, и тие можат да се наречат послаби. Начелно, силниот облик подобро се одржал на островите, а послабо во континенталниот дел. Силниот облик го наоѓаме во „Електра“ на Софокле, во „Медеја“ на Еврипид и во „Облаците“ на Аристофан, секаде вокатив, каков што, само со преместен акцент, може да се слушне и денес, на пример во Санџак: о море. Море се јавува и во Новиот завет, во Евангелието по Матеј, 23:16, стои „moroi kai typhloi", што се преведува како „лудаци и слепци“.

Во Босна и Херцеговина, во Црна Гора и во Санџак, во јужна Србија, и бре и море имаат и домашна варијанта: болан, односно несреќен. Обете придавки имаат и употребен женски облик: „Шта ти је бона, што си таква?“ Во Босна „бре“ ретко се слуша, почесто е „море“. И Заим Имамовиќ и Сафет Исовиќ пеат: „Ја посадих море, вишњу на јалију“. А Македонците, како и Бугарите, како и Грците, имаат и женски облик за море, тоа е мори. Па слушаме како во Македонија се пее „Море, ој соколе, ти јуначко пиле“, но затоа „Јано, мори Јано, леле, Јано севдалино“. (Во тие шест зборови е сместена највисоката нежност и страст на балканско-анадолскиот простор.) Колку во македонскиот е важно ова разликување на „море“ и „мори“, можеби покажува и калеш Анѓа во песната „Ајде слушај, калеш бре Анѓо“, во која таа вели дека не разбира турски и дека поради тоа не сака да стане анама. А причината за таквиот нејзин одговор би можела да биде и лутина што Турчинот ѝ се обраќа со ’бре’, а не со ’мори’. Причината, велам, би можела да биде таа, не велам дека е. Разликувањето на употребата море од мори отишло од Македонија и на север: крунски пример за тоа е чудесното Врање со песната „Шано, душо, Шано мори“.

Во денешна Грција бре главно е вре, но ниеден облик од кој настанал не исчезнал. Вре се слуша во безброј песни, но се слуша и бре. Ќерка ми Аља во местото Кожани, стотина километри западно од Солун, пролетта снимила карневалска песна во која јасно се слуша и се гледа како карневалската дружина пее шеговита песна со рефрен ’бре-бре-бре’, а не ’вре’. Лингвистите имаат набројано 56 грчки облици на нашиот повик или изрека, кои притоа се едносложни, двосложни, но и тросложни (аморе), па уште се и различни со оглед на почетниот лабијал б, п, (бре, пре, мбре, мпре). Посебно поглавје се оние ’бре’ и ’вре’ во песните на малоазијските Грци, која музикологијата ги нарекува ребетика, во еднина ребетико, ρεμπέτικο. Во славната песна „Разговор со Харонт“, ребетите го прашуваат бродарот Харонт дали во мрачниот Ад има наргилиња и хашиш за оние кои престојуваат во него. Тука има еден стих кој почнува со Pes mas, vre, Hare (кажи ни бре Харонте). Тоа ’вре Харе’ е лудачка коинциденција од која ми доаѓаат морници секогаш кога ќе го слушнам тоа парче грчки блуз. Затоа што мојот роднина Мухарем, оној кој шеесетите години бил на ридот Бре крај Лугано, кого ние го викавме Харе, беше некој на кого многу пати на наши уши му се велело ’бре Харе’. А така бродарот Харонт го вика и пирејскиот ребет Панос Тудас, автор на текстот и композиторот на песната. И мојот ’бре Харе’ отиде кај ’бре Харонт’. Животот е навистина составен од материја од кои се составени и сништата, па какви и да се тие соништа.

„Бре“ вели и Гркот Зорба и Одисеј на Казанѕакис, и Орхан Памук го употребува, и Исмаил Кадаре, и романскиот поет, драматург и политичар Василе Александри (1821-1890): Bre Pandele! de vrei bani/ Să nu-i poţi mânca doi ani.

И така натаму. Кога би се составила географска карта на дистрибуција на различни облици на интерјекцијата бре, па кога по некое чудо би се создала државна заедница на таа територија, тоа би била најкултурната земја на светот. Цела Турција и Грција, цел Кипар, јужна Италија, Венеција, Истра, цела Албанија, Бугарија, Романија, Украина, Полска, Србија, Македонија, Црна Гора, Босна, а богами и делови од Хрватска. Романците, Пoлјаците и Украинците го познаваат само бре, Турците имаат бре, бире, бе, Албанците море, мре, оре, воре, бре, србохрватите, Македонците и Бугарите мрое, мори, бре. Републиката или монархијата Бре би била и по простор поголема а и климатски многу подобра отколку што било на пример кралството и царството Каундка.

...Пораснав со „бре“, ги знам добро неговите преливи и тонови. Знам и како тој израз ја засилува драматичнoста, и очајот, но знам дека со него се искажува и нежност и единствена деликатност. Аман, дојдете, бре, сака татко да умре! Или: Аман, бре, па како не ви е срам! Во детството се учи бре да не се кажува на постар и на непознат. Постојано се води сметка за прекорниот аспект на зборот. Кога детето сака на таткото да му каже „бре“, тоа е знак дека во куќата некаде избило. Мене првото бре во уши ми го има ставено мојот дедо Шериф. Можеби имав најмногу четири години. Брат ми близнак умре, мене веќе ме викаа пола дете. А дедо ќе ме земе во скут, па ми зборува: „Менеменемене-бре-ада-ово је моје дијете брееее-ада не дам ја ово дијете никоме, бре, ада бре“. Жими дедо ми, бре! Бре е важен камен во ѕидот на куќата на моето битие. И неколку црепни на таа куќа е тоа.

Незаборавно е бре-то со кое Бата Стојковиќ го почасти еден гол кој ми го намести Божо Копривница: три часа по натпреварот, веќе сме во Ступица, Бата приоѓа на наша маса, застанува, а од оградата на забите му полетува: „Бре! Вие двајца, бреее!“ Тоа не може да се напише, тоа требаше да се чуе. А меланхоличното, волшебно и постојано свежото „бре“ на Бране Петровиќ, кое луѓето ги кине од смеа и ги фрла под маси, додека Брана раскажува како на мајка му Радованка ѝ дошол на родителска, па директорот на курсот за описменување му вели: „Бре, Петровиќу, мајка ти е чист гениj! Но е, бре, немирна! Ништо, бре, не можеме, толкав е тој нејзин немир, бре, што за сè ѝ пишавме петка, ама за поведение кец!“.

Ако некому му падне на памет да се зафркава со „бре“, пред да почне најпрвин добро нека се сврти околу себе и цврсто да се увери дека јас не го слушам.

Автор: Синан Гуџевиќ

Кирил Манчевски - „Јано, мори“

5 септември 2016 - 09:21