„Мојот Батаклан“: стриповска приказна на преживеан од терористичкиот напад

Фред Девајлд е еден од преживеаните од нападите во Париз на 13 ноември. По трагедијата во салата Батаклан во која беа убиени 90 луѓе, тој истовремено бил среќен што може да му се врати на семејството и трите деца, но и трауматизиран. Неговото решение - да направи стрип и така да ја раскаже својата приказна.

Фред Девајлд е всушност псевдоним на 49-годишен илустратор и дизајнер, кој живее во предградие на Париз. Како и другите присутни на концертот на Eagles of Death Metal (за којшто пишувавме тука) и тој на спомнатиот датум се соочил со хоророт на „масата живи, ранети, мртви и уплашени луѓе кои врескаат“, меѓу кои имало и негови пријатели.

Црно-белите страници на неговиот стрип раскажуваат како тој два часа се преправал дека е мртов легнат помеѓу телото на непознат маж и ранета млада девојка, меѓу заглушувачкиот звук на оружјето и локвите крв. Терористите во стрипот се прикажани како скелети, „јавачи на Апокалипсата“. Тој и девојката до него се воздржувале од мрдање, сè додека во салата не влегла полицијата, која ги повикала да станат со кренати раце.

Тоа во моментот бил излез од бруталната реалност, но влез во една друга, на вознемиреност, ноќни кошмари, вина за тоа дека си помеѓу преживеаните. Стрипот, кој се состои од два дела и од 22 страници зборува и за комплицираниот однос на Фред по овие настани со членовите на семејството, како и безбројните шољи кафе, цигари и филмови, кои ги конзумирал за да го потисне сеќавањето на она низ што поминал. Тој признава дека цртањето на стрипот му било катарза и терапија, а критичарите велат дека неговиот пристап е „трезвен“ и непатетичен. Неговото дело истовремено се третира и како документ, бидејќи засега е единствено уметничко сведоштво на некој кој бил директен учесник во настанот.

Извор: Ле Паризиен

20 октомври 2016 - 17:21