„Младотрес“ е збор на годината според Оксфордските речници

„На младите светот останува“, велиме, со повеќе од еден збор. Ама Англо-саксонците имаат и пократко за истото - еден збор кој ја одбележа 2017.

Youtquake (младотрес) е термин кој означува „значајна културна, политичка или општествена промена, која е резултат на дејства или влијание на млади луѓе“. Според официјалната страница на Оксфордските речници, oнлајн речник на англискиот јазик кого го издава Oxford University Press, овој термин во последнава година бил употребуван пет пати почесто од лани, а трендот особено се засилил во јуни, за време на генералните избори во Британија.

На 18 април премиерката Тереза Меј повика на избори, што повлече седум недели интензивна политичка кампања. Откако Британците се појавија на гласачките места на 8 јуни, статистиката покажа неочекувано висока излезност на млади гласачи. Ставот на аналитичарите беше дека токму младите се заслужни за победата на Џереми Кормин (што додуша и не се покажа како некаква победа со оглед на тоа што тој заврши со помалку парламентарни места од Конзервативците).

Од каде и од кога потекнува овој збор? Во 1965, Дајана Вриланд, уредник во Вог, ја прогласила таа година за година на „младотресот“: „Повеќе сонувачи. повеќе луѓе кои нешто прават. Тука. Сега. Младотрес 1965“. Она што некогаш биле тектонските промени на шеесетите, денес се промените кои се иницираат од младите, иако не секогаш со посакуваниот ефект, но со потребниот ентузијазам и надеж за подобро.

Помеѓу финалистите оваа година влеоа и antifa - политичко протестно движење на повеќе автономни групи кои се милитантно спротивставени на фашизмот и на другите форми на екстремно десните идеологии, broflake - маж кој е вознемирен или навреден од прогресивни ставови кои се спротивни на неговите конзервативни ставови и kompromat - компромитирачки информации собрани заради уцена, дискредитација или манипулација, главно за политички цели.

15 декември 2017 - 13:29