Млади феминистки, слушнете ги и постарите меѓу вас!

Во неодамна објавена колумна, Маргарет Атвуд го искажа својот став кон кампањата #MeToo, што по себе повлече очекувана реакција - дека е „предавник на феминистичката кауза“. По серија напади на Твитер, таа саркастично напиша: „Еве, паузирам од тоа да бидам Супериорната Божица, семоќна и сеприсутна и одговорна за сите зла. Се извинувам што не излегов достојна во борбата за родова еднаквост“

А што беше толку навредливо во текстот на Атвуд (целиот тука)? Според неа, за борбата за женска рамноправност да држи вода, мора да се почитуваат востановените процедури. „За да постојат граѓански и човечки права за жените, мора да има граѓански и човечки права, точка“, напиша таа, предупредувајќи дека растечкиот тренд помеѓу aктивистите на #МеТоо е да се обвинуваат, оцрнуваат и срамотат наводните сексуални престапници само врз основа на рекла-казала.

Статијата на Атвуд пред сè се однесуваше на специфичен случај на неправда. Универзитетот на Британска Колумбија неодамна исфрли професор врз основа на тајни и недокажани обвинувања, а ја обелодени истрагата пред професорот воопшто да биде информиран за истата. Како реакција на ова Атвуд потпиша протестно писмо, барајќи од Универзитетот точна информација за тоа што се случило, како и да земање предвид на фактот дека ако ништо не се случило тоа значи уништена репутацијата и кариерата на невин човек. Токму заради ваквата заштита на маж против кого се водеше лов на „вештери“, Атвуд и пред ова писмо беше наречена „лоша феминистка“.

И ова не е прв пат кога повозрасна жена сугерира дека сечење скалпови на социјалните медиуми можеби не е најдобриот начин за унапредување на еднаквоста и слободите на жените, таа да е наречена лоша жена. Анџелика Хјустон, Кетрин Денев и други истакнати жени кои искажаа загриженост поврзана со паниката околу сексуалното злоставување, беа исклучени од дискусијата. Атвуд посочува на ова во нејзината статија кога вели: „Војната помеѓу жените, наспроти војната која се води против нив, секогаш им претставува задоволство на оние кои не им посакуваат добро на жените“.

Зошто сите повици за одговорност и транспарентност се толкуваат како спротивни на женските права? Одговорот е во тоа што движењето #MeToo всушност не е реално заинтересирано за правда. А кога феминистичка хероина како Атвуд, чие име дури и се појави во некои од про-MeToo говорите на овогодишните Златни глобуси, е напаѓана како непријател на жените, тогаш е веќе јасно дека движењето загубило контакт со реалноста, и дека си ги јаде најдобрите меѓу себе.

Гневните девојки и млади жени постојано се жалат дека никој не им обрнува внимание токму заради нивната младост. Но не само што не е лошо, туку во моментов е и најмудро, младите и гневните да ги слушнат за момент оние кои многу порано од нив ги биеле феминистичките битки.

17 јануари 2018 - 16:59