Шведска, немири, здраво!

Мистериозните звуци на советски подморници коишто излегло дека се - гасови од харинги

Приказната е истовремено и смешна и неверојатно индикативна за начинот на кој функционира когнитивната дисонанца - и на лично, и на колективно ниво. 

Во 1981, советска подморница се приближила на јужниот брег на Шведска, само 10 километри од домашна поморска база. Советите тврделе дека биле принудени да влезат во туѓа територија поради дефект на навигацијата, додека Шведска во ова видела доказ дека тогашниот СССР има намера да се инфилтрира во нејзини води и да изврши некаков напад. Подморницата била испитана од страна на шведските власти и во неа е пронајден ураниум-23, јасна индикација дека содржела и нуклеарно вооружување.

Подморницата е вратена во меѓународни води, но шведските власти од тогаш постојано биле на штрек, убедени дека ова не е единствената подморница близу нејзините води. Започнал долг и скап проект на детектирање подводни сигнали кои би укажале на постоење или приближување на туѓа подморница. Кога велиме дека проектот бил „долг“ мислиме не на неколку месеци, или години, туку на точно деценија и пол.

Еден од главните истражувачи бил Магнус Валберг, експерт за подводни звуци, а денес предава на Универзитетот на Јужна Данска. Тој во таа 1981 имал само 13 години но јасно се сеќава на школската мапа, на која Западна Европа била прикажана со најмали детали, со патишта и бои за различните земји. Преку Балтикот било само бело - мистериозна ништост која всушност требало да биде Советскиот сојуз. Стравот од комунизмот, како и фактот дека последниот вооружен конфликт во Шведска била за време на Наполеон, придонела за ширење страв од можен напад од Советите. Оттаму не е чудно што кога спомнатата советска подморница била пронајдена од страна на некој рибар, алармот бил активиран.

Властите поставиле хидрофони долж брегот, и го повикале населението да пријави доколку види нешто сомнително. Секаде кадешто биле забележани наводни перископи како ѕиркаат од водата и секаде кадешто хидрофоните детектирале сомнителен звук биле поставени големи мрежи и фрлени бомби од хеликоптери. После цел месец не била фатена ниту една подморница.

Потрагата продолжила во текот на 1980-тите. „Руската мечка доаѓа“ - зборувале Швеѓаните, трескавично вртејќи на бесплатниот телефон воспоставен од војската. Илјадници пријави за можни подморници и непријателски дејанија. Бидејќи биле премногу за обработка, службениците ги класифицирале од 1-6. Шест значело „прилично неверојатно“, еден „дефинитивно советска подморница“. А под тоа „еден“ често се спомнувал типичен звук, фатен од страна на хидрофоните, за кој се верувало дека доаѓа од подморница, тип советска. Сите случаи кои вклучувале ваков звук се сметале за 100% сигурни, а ги имало дваесетина годишно.

Во 1994, во ситуација на сосема променети односи во меѓународната политика, премиерот на Шведска Карл Билд му пишува луто писмо на Борис Јелцин, во основа велејќи му дека дошло времето Русите да престанат да праќаат шпионски подморници. Одговорот на Јелцин - „прв пат слушам за такво нешто“. Се колнел дека подморниците им се на копно и дека од оној далечен инцидент веќе никогаш не влегле во шведски води.

Но Швеѓаните не му верувале на збор. Во 1996 Магнус е веќе студент кој специјализира во проучување на биолошки звуци. Неговиот ментор, сега пензиониран океанограф, бил еден од ретките авторитети за подводни звуци. Во еден момент телефонот во неговата канцеларија заѕвонил, а од другата страна била Кралската шведска морнарица. Одлучиле да формираат комитет за истражување на целиот случај и ги поканиле Магнус и неговиот ментор да бидат дел од него. Им платиле карти за до Стокхолм и ги внеле во огромна морнаричка база, „како во Џејмс Бонд филмови“, со порта од карпи која се отвара на копче. На долгата маса седеле куп експерти и високи воени лица. Магнус и неговиот професор биле први цивили на кои ќе им биде пуштен „типичниот“ звук на советска подморница, држен во тајност 15 години.

Но кога го слушнале речиси сите крај масата почнале да прават гримаси и да се воздржуваат од смеење. Според зборовите на Магнус тоа звучело како „неколку Пајо-Паторовци кои си прават муабет во далечина“. По некое време тој и професорот одлучиле да пробаат што би можело реално да звучи така во вода, како животно кое испушта воздушни меурчиња, а не е човек. Нивната прва помисла била - харинга. Таа не само што е прилично честа во шведските води, туку се квалификува поради една разлика во нејзината анатомија. Повеќето риби имаат нешто што се нарекува „пливачки меур“, мало ќесе наполнето со воздух кое го регулира движењето на рибата (со пуштање или вовлекување воздух во ќесето). Исто така повеќето риби го прават ова преку сопствениот крвоток и шкргите што значи дека притоа се тивки. Но харингата е посебна бидејќи има канал право од пливачкиот меур кон аналниот отвор. Кога таа треба да испушти воздух за да си го регулира движењето, тоа го прави преку задникот. Тоа е некој вид испуштање гас, кое создава воздушни меурчиња. И како и повеќето прдежи (иако ова технички не е тоа, бидејќи не доаѓа од дигестивниот систем) - истото се слуша.

Кога се дознало за ова не сите го примиле со смисол за хумор, дека звуците на советски подморници, следени цели 15 години од бројни воени лица и експерти, всушност биле гасови од харинги. Целата приказна е неверојатен пример за когнитивна дисонанца - кога сопствените предрасуди и очекувања се посилни од рационалните објаснувања, па и од фактите.

Во 2004 магнус Валберг добил Иг Нобел за своето истражување. А еве го и на Тедх како ја раскажува целата приказна:

25 февруари 2021 - 18:40