Метрополитен опера го суспендира славниот Џејмс Левин

Уметнички директор на Мет цели 40 години, познат диригент и пијанист, Левин е обвинет дека извршил сексуално малтретирање на тројца тинејџери.

Метрополитен опера привремено ја откажа соработката со Левин (74), кого хонорарно го ангажира по неговото пензионирање во 2016, а со кого оваа година требаше да има неколку планирани изведби. Институцијата најми адвокат, кој треба да ги испита тврдењата за сексуално злоставување кои наводно се случиле во периодот од 1960-тите до 1980-тите.

Овој потег следеше само еден ден откако Њујорк Пост објави изјава на една од жртвите, во која таа тврди дека имала сексуален контакт со Левин како тинејџер. По неколку дена во Њујорк Тајмс излегоа сведочења на уште двајца мажи, за слично дело.

Еден од нив, Ашок Паи, изјавил дека бил сексуално малтретиран од Левин летото 1986, кога имал 16 години. Ова го пријавил во полицијата во Илиноис дури во октомври 2016, а во Мет за истото дознале набргу потоа. Левин во наведениот период бил музички директор на фестивалот Равинија, во близина на Чикаго.

Втората наводна жртва свирела бас во камерниот оркестар Св. Павле (St. Paul Chamber Orchestra) повеќе од триесет години. Тој на Тајмс му изјавил дека со Левин меѓусебно се задоволувале кога тој имал 17, а во период кога Левин бил летен предавач во музичкото училиште Медоу Брук во Мичиген. Истото го тврди и негов некогашен соученик од истото училиште, кој свирел виолончело.

И покрај тоа што главните во Мет знаеле за првото обвинување, тие сепак неодамна му доделиле на Левин титула почесен и доживотен музички директор. Соработката е привремено прекината дури откако приказната протекла во медиумите и поттикнала други.

Последниот негов концерт во Метрополитен беше оваа сабота, кога Левин диригираше изведба на „Реквиемот“ на Верди пренесуван во живо на радио низ целиот свет. Следната требаше да биде гала изведба на операта Тоска за Нова година, и покрај неговите здравствени проблеми, меѓу кои и Паркинсон.

Џејмс Левин многумина го оценуваат како визионер во раководењето со една оперска куќа. Покрај „железниот репертоар“, тој има диригирано и оперски адаптации на „Големиот Гетсби“, а го има аранжирано и диригирано на саундтракот за анимираниот „Фантазија 2000“ на Дизни. Ја има иницирано развојната програма Лидерман за млади таленти во Мет, низ која поминале голем број денес познати пејачки имиња. Освен како диригент, има снимено и неколку албуми како пијанист.

Спомнатото обвинување е прво упатено кон славна личност од областа на класичната музика, а е најсвежо (веројатно не и последно) во поплавата од такви кои до сега се однесуваа на славни имиња во шоу-бизнисот и медиумите.