Не-Букер, не-награда

Мeстенка за шоља

Веќе четврта година, бргу по доделувањето на Букер-вистинска, Гардијан ја доделува наградата Not the Booker Prize, како обид за популаризација на потенцијално потценетите дела, како и за да им се даде право на глас на читателите. Ама демократијата е чудна ѕверка...

И покрај некои ограничувања кои се однесуваат на начинот на гласање, како уделот во одлуката на уредникот за литература на Гардијан Сем Џордисон, и барањето сите кои гласаат да приложат краток осврт кон делото, во финалето за наградата оваа година се случи злоупотреба.

Имено, Еван Морисон, автор на еден од фаворитите - Tales from the Mall (Приказни од трговскиот центар), испратил куп мејлови на негови пријатели и познаници, молејќи ги да гласаат за неговата книга. Трудот му се исплател, бидејќи таа на крајот имала речиси двојно гласови од второпласираната. Но проблемот настанал кога истото писмо стигнало и до уредникот Џордисон. Тој му понудил на Морисон да се откаже од наградата со оглед на очигледното влијание кое го извршило неговиот мејл, но овој пак се повикал на тоа дека правилата никаде не забрануваат лобирање - сосема нормална методологија за секоја, па и за оваа награда.

На крај „Приказни од трговскиот центар" сепак ја зема наградата, но со голема ука-бука, која можеби ќе доведе и до нејзино укинување.

Е сега главното: добитникот не добива илјадници фунти. Ниту златна плакета. Наградата е - ШОЉА ЗА КАФЕ, oнаква бела од 100 денари! Аха. Со логото на Гардијан. Мислам...

 

24 октомври 2012 - 08:11