Местенка: книга на нобеловец одбиена 19 пати од актуелни издавачи

Обожавател на „Палатата“ на Клод Симон, кој ја доби Нобеловата во 1985, ја испратил книгата на поголем број актуелни издавачи. 12 веднаш ја одбиле, а седум воопшто не одговориле.

Според експеримент спроведен од писателот Серж Воле, инаку голем фан на Kлод Симон и на неговиот роман од 1962, „Палатата“ кој се одвива во време на шпанската граѓанска војна, денес тој не само што не би ја добил наградата, туку кој знае и дали би можел да се нарече „објавуван автор“.

Помеѓу коментарите добиени од 12-те издавачи кои го одбиле ракописот, од кого им биле испратени 50 страници, „речениците се бесконечно долги и целосно го одбиваат читателот“ и „книгата нема реална фабула ниту пак добро изградени ликови“.

Симон, еден од пионерите на „новиот француски роман“, е познат по својата флуидна проза, со реченици кои често знаат да траат по цели страници. Оттаму, Вол, кој има 70 години, смета дека одбивањата се одраз на анти-интелектуализмот кој владее во модерното издаваштво но и во културата. Така лесно се отфрлаат книжевни дела кои не се лесни за читање, или кои не ја зголемуваат продажбата.

„Палатата“ е едно од најконтроверзните дела на Симон, според критичарите затскриен напад на Орвел, кој исто како и Симон се борел на републиканската страна од Граѓанската војна во 1930-тите. Истата година кога Симон ја добил Нобеловата изјавил дека описот на Орвел на периодот поминат со анархистите во „Во чест на Каталонија“ бил „лажен уште од првата страница“.

Кристофер Хиченс пак подоцна го нападна Симон, кој почина во 2005, и го нарече доделувањето на Нобеловата на ваков „матен“ лик и дело одраз на интелектуалната мувла која се шири од псевдо-интелектуалците.