Статија која нè освежи

Мемоари на вработена во крематориум

Со лик кој лесно може да се вклопи помеѓу Топаловиќи или семејството Адамс, Кејтлин Дути (Caitlin Doughty) реално вади пејсмејкери од човечки трупови, рачно шмиргла коски и на свои 30 веќе седум години го полни крематориумот со тела. Несебично решена ова да го сподели со останатите смртници, таа во новата книга со пресмешен наслов „Кога чадот влегува во очи" зборува за нашиот цивилизациски проблем - неспособноста да се соочиме со физичкиот факт на смртта.

Дути има завршено средовековни студии, а нејзината морбидна љубопитност, комбинирана со траума која ја доживеала како 8-годишно девојче кога видела дете како пред неа паѓа од балкон, ја донеле во калифорниските крематориуми, каде почнала како асистент задолжен за палење на телата. Но на 23-годишната девојка со нула работно искуство, нејзиниот најголем шок по влегувањето во погребната индустрија не биле куповите мртви тела, туку фактот што семејствата на починатиот речиси никогаш не биле присутни кога се случувал физичкиот контакт со телото. Тоа за неа бил знак на длабоко вкоренетата фобија од смртта, по што одлучила да ја посвети кариерата на градење посмртопозитивно општество.

Една од нејзините активности е „Редот на добрата смрт", група погребни професионалци, професори и уметници, кои се одлучни во намерата да ја подготват смртофобичната култура за сопствената смртност. Еден од начините е организирање „смртосалони", клубови во кои луѓето се собираат за да си прават муабет за судбината од која никој до сега не побегнал.

Освен тоа, Дути има и неверојатно популарен Јутјуб канал - Прашај погребник. Во видеата на хумористичен но крајно реален начин таа одговара на прашања на нејзините фанови, за нејзината професија, како навистина изгледа смртта, и како да се соочиме со тој непријатен детал од нашите животи. Еден од нејзините совети:

„Прифаќањето на вашата смртност е како кога треба да јадете зеленчук. Можеби не ви се допаѓа, но тоа е добро за вас".

Значи ако мислите на смрт, само замислете штавел

Интервју со авторката тука

18 септември 2014 - 08:45