Матриксот на Ајзенхауер: системот за планирање на американскиот претседател

„Она што е важно ретко е итно, а она што е итно ретко е важно“, има изјавено Двајт Д. Ајзенхауер, 34-тиот претседател на САД. Да научиме нешто од него.

Во текот на двата мандата на Ајзенхауер како американски претседател тој започнал голем број значајни проекти, како интерстејт системот на автопатишта (Interstate Highway System), зачетокот на интернет (DARPA), истражувањата на вселената (NASA) и мирнодопската употреба на алтернативни извори на енергија (Atomic Energy Act).

Сето ова тој го постигнал откако испланирал и изврши инавзии во Северна Африка, Франција и Германија како врховен командант на сојузничките сили во Европа во текот на Втората Светска војна. A, да, да не заборавиме дека бил и најагилниот играч на голф кој некогаш престојувал во Белата куќа.

Еден од неговите методи да се организира му бил тн. „Матрикс“ или Ајзенхауеров планер. Објаснет во долното видео, тој е многу едноставен принцип на поделба на обврските по вертикала во две категории на значајност, и по исто така две хоризонтални категории на итност, што дава вкупно четири „кутии“. Тие се:

- Итни и значајни задачи кои мораат да бидат исполнети веднаш
- Значајни, но не и итни (задачи кои се распоредуваат за подоцна)
- Итни, но не и значајни (задачи кои можат да се делегираат на некој друг)
- Ниту итни, ниту значајни (нешта што можат слободно и да не се направат)

Итните и значајни обврски се состојат главно од „гасење пожари“, на пример смирување на бебе што плаче или плаќање на заостаната сметка. Значајните но не и итни вклучуваат штедење за иднината, обновување на членство во фитнес клуб, спиење од седум до девет часа. Итните но не и значајни би можеле да вклучат букирање лет, споделување статија, јавување некому. А во последната, незначајни и небитни нешта би спаѓало проверување на нотификации на Фејсбук или Твитер. Накратко: значајноста произлегува од некаков долгорочен план и замисла за насоката на животот, а итните се повеќе практични нешта, поединечни активности кои се дел од мозаикот, но кои ја немаат истата тежина на целисходност.

Што е за право, Ајзенхауер живвел во време пред социјални мрежи, и пред ТВ серии кои создаваат зависност. Но токму во тоа се состои и уште поголемото значење на ваквите системи за планирање за новото време. Една од таквите апликации дури и го носи името на Ајзенхауер, како човек кој ем знаел што му се долгорочните цели, ем знаел и да ужива во она што му прави ќеф.

20 февруари 2020 - 09:49