Книга со лични картографии

Мапата на нашите животи

16 уметници, писатели и мислители прават исто толку мапи. Секој од нив го истражува концептот на мапирање, низ процес кој на крајот станува лична картографија. А таа е многу повеќе отколку графичко одбележување на физичка територија.

Пред празниците пишувавме за можната иднина на книгите на хартија, како луксузни, дизајнерски совршени производи, наменети пред сè на библио-фетишистите, кои не можат, или не сакаат да се навикнуваат на електронските направи за читање. „Oнаму кадешто си" (Where You Are) се вклопува во оваа дефиниција - таа е збирка текстови (проза и теорија) и визуелни илустрации (цртежи, фотографии, слики) која го истражува мапирањето како човечка потреба за осмислување и снаоѓање во просторот, но и како метод на раскажување приказни. 

Тие вклучуваат мапа која ги претставува секојдневните движења на една бездомна жена во Мексико сити, таква преку која ги сфаќаме ризиците од следење на GPS системите во Јужна Африка, мапа на детството на еден од авторите според места и настани кои го одбележале неговото растење, па до документирање на секојдневниот распоред на предметите на работната маса на крајот од работниот ден.

Книгата го поставува прашањето: како би изгледала вашата лична мапа? Дали таа би визуелизирала простори кои ви се важни, можеби личности, чувства или хронологии? Она што е сигурно е дека таа би се разликувала од која било друга, исто како што сечиј живот се разликува од друг.

„Нашиот однос кон мапите бргу се менува; веќе не мислиме за нив како стари парчиња хартија кои ни помоагаат да дојдеме од точка А до точка Б", вели Ана Гербер, која заедно со Брит Иверсен се основачи на Visual Editions, експериментална издавачка куќа која нуди не книги, туку „читачки искуства". Во склоп на книгата на хартија е и интерактивниот сајт. Мотото на целиот проект е „Книга со мапи кои ќе направат да се загубите". На добар начин.

4 јануари 2014 - 11:00