Дали да ги слушате советите за пишување?

; - љубовна приказна

Како вљубеник во интерпункцијата и во сето она што таа може да го стори овој текст ептен ме бендиса. Тој се однесува на едно „копиле" од знак, ни точка ни запирка, кој може и тоа како да биде креативно употребен, ако се најде во вистинските раце.

 

Соработникот на Њујорк Тајмс, писателот Бен Долник, зборува за сопствениот однос кон точка-запирката, од крајната омраза заради таквиот став кон неа на неговиот идол, Курт Вонегат, до задоволството од нејзиното користење како алатка за изразување сложени мисли и чувства, овој пат под влијание на американскиот психолог и филозоф, Вилијам Џејмс. Значи ;

Кога бев тинејџер, со амбиција да станам писател, налетав на совет од Курт Вонегат кој ми влијаеше како коцка мраз да ми поминала низ грбот.

„Не користи точки-запирки", рече тој. „Тие се травестирани хермафродити кои не претставуваат ништо. Единствено покажуваат дека си бил на факултет".

Во тоа време не бев толку повлијаен од мрчаторскиот, тролачки тон на оваа изјава (голем дел од советите на Вонегат звучат како да се дадени помеѓу два напади на кашлица на некој дедо), колку од возбудливата строгост на забраната. Еден писател не смее да користи точки-запирки. Никогаш.

До тогаш имав напишано неколку не многу добри кратки раскази во кои имав расфрлано точки-запирки (заедно со несоодветни придавки и „симболични" имиња на личностите), како амбициозни зачини на аматер-готвач. Сега, да беше тоа физички возможно, ми доаѓаше да го изгребам клетиот симбол од мојата тастатура и никогаш повеќе да не размислувам за точките-запирки, освен сурово да коментирам кога нив ќе ги забележам кај други, понеталентирани автори кои подлегнуваат на оваа особена форма на погрешно користење на знаците.

Советот од Вонегат не беше за мене каков и да е совет. Ако кажам дека тој беше мојот книжевен херој, тоа не го отсликува до крај интензитетот на обожавањето и опсесијата која ја имав кон него. Му пишував писма за кои само се молам дека никогаш не ги видел. Ги прочитав сите негови книги и тогаш, откако завршив, почнав да ги читам збирките од „Кланица пет" на други јазици (од кои, не мора ни да спомнувам, не разбирав ни збор). Дури почнав да го раскажувам мојот живот на себеси со тој истрошен глас кој како да доаѓа од гроб.

Вонегатовото отфрлање на точките-запирки оттаму ме погоди повеќе отколку некакво обично стилско прашање. Ова, како и неговото одбивање да го опише сопственото воено искуство во херојски термини, беше демонстрација на доблест. Да се отфрлат точките-запирки значеше да бидеш со чисто срце, со челично око, и без илузии. Ги замислував Хемингвеј и Вонегат како седат заедно на некоја тераса, мрачно гледајќи кон патот, нишајќи со главите при помислата до каде дошла книжевноста. Ништо не сакав повеќе од тоа да можам да се качам на една од празните клацкалки до нив.

Мојата омраза кон точките-запирки ја надмина мојата приврзаност кон Вонегат. На факултет ги избегнував, користејќи ја непретенциозната запирка и тирето за да ги споделам моите мисли. Замислував дека, ако за неколку децении некој бистар тинејџер ме праша за совет, веднаш би му го дал советот на Вонегат, минус шкакливиот дел во врска со травестите и хермафродитите. Но потоа налетав на познатиот опис на Исак Бабел на запирките како нешта кои се во состојба да те пронижат низ срцето. И секако знаев дека тие се неопходни. Но точка-запирката седеше таму некаде во мојот книжевен орман како некакво апаратче за вадење семки од цреши, теоретски функционална, но комплицирана и несакана, нешто што веројатно ќе заврши на тезга на бувљак.

Оттаму е навистина изненадувачки тоа што во изминатите неколку години станав некаков манијак за семковадачи. Ова, како што вели Вонегат, може да го отсликува фактот дека веќе имав завршено факултет, иако искрено не можам да се сетам на никого кој се залагаше за точки-запирки дур бев таму. Без оглед на тоа, почнав да ги засакувам овие чудни нештa, и да зависам од нив кога ми беше потребна помош за да минам низ некоја сложена мисла.

За ова го обвинувам оној кој неочекувано ми го смени мислењето: Вилијам Џејмс. На полицата до креветот изминатата година или две ми стоеше дебело издание со неговите дела, и ми требаше време за да сфатам дека една од работите кои ми се допаднаа во нив - една од работите кои направија да се чувствувам дека седам до еден особено интелигентен, човекољубив и возбудлив пријател на долг пат во кочија со коњи - беше неговата употреба на точки-запирки. Џејмсовите параграфи, онолку колку што се луцидни и непретенциозни, се поделени и подподелени, структурирани како анатомски дијаграми кои самиот ги наведува во „Психологија: пократок курс". Точките-запирки, заедно со извичниците, тирето и вреќите запирки се, за него, витални алатки кои го одржуваат она што тој го нарекува „течението на мислата", тоа да не му изгледа на читателот како дива надојдена река.

Откако видов како тој ги користи овие знаци, благородните можности кои тие ги отворија почнаа да изгледаат неодоливо. Ми стана тешко без нив да изразам дури и приближно артикулирана мисла на хартија, и изгледаше апсурдно една толку практична алатка да се остави неискористена само заради некаква опскурна лојалност.

Повеќе пати во текот на неделата имав вакви ментални настани: ќе почнев да читам статија во врска со поплава во Мексико, што ме доведуваше до мисла за свадба на којашто бев еднаш во Канкун, што пак ме доведуваше до размислувања во врска со бракот, што пак водеше кон геј бракот, што водеше до претседателските избори, што водеше до тн. swing states (маргинални држави во САД каде гласовите на населението „се нишаат", односно се неизвесни, а можат да го одредат исходот на целите избори), што водеше до фасцинантно грозна кантри песна наречена „Свинг" - и пред да го вратев погледот на статијата веќе ќе бев заглавен во јутјуб маратон со песни на Трејс Адкинс.

Токму заради ова умствено движење, тенденцијата мислите да растат како квасец - сметам дека точките-запирки се корисни. Нивната типична функција - да разделуваат делови од реченицата „на кои им е потребно поочигледно раздвојување отколку сигналот на запирката, но се сепак преповрзани за да бидат издвоени реченици" - почна да ми изгледа како убаво, мало парче интроспекција. Ниту еден друг интерпункциски знак не го отсликува толку компактно начинот на кој начите мисли се истовремено и течни и цврсти, и бранови и честички.

И, далеку од тоа дека сакам да бидам претенциозен, точките-запирки можат да бидат крајно демократични. Соодветното користење точка-запирка може да биде чин на верба. Тоа е начин да му кажеш на читателот, кој веќе држи една полна ќеса од пазар, еве, знам дека е тешко, ама може да ја фатиш и вторава? И потоа (во случајот со Вилијам Џејмс) уште една? И уште една? А уште една? Што секако звучи страшно, нешто што секој писател би требало да го избегнува. Но вистината е дека може да има нешто прекрасно во балансирањето со ќеси во рака: има еден вид возбудлива тензија, чуство на прекрасна одговорност, во тоа да се биде толку натоварен што да имаш чувство дека пола пиљара ти е врз телото.

Така што, Курт Вонегат, да: едноставноста, во граматиката и во сите нешта е доблест, во тоа нема дилема. Но не можам да се согласам дека точка-запирката не претставува апсолутно ништо: таа, барем мене, ми го разоткрива задоволството од откритието дека ниту еден совет за пишување, колку и да е строг, колку и да е сакан оној кој го дава, не треба да се прифати без размислување.

4 јули 2012 - 10:54