Лингвистиката во „Пристигнување“

Ако мислите дека ова е филм за вонземјани со седум пипци кои се обидуваат да искомуницираат со човештвото, имаме мало изненадување за вас. Вистинските главни ликови во него не се ни таа лингвистката што се обидува да ги разбере, ни хептаподите Абот и Костело, туку други двајца, со по две раце и две нозе, кои се викаат Сапир и Ворф.

Некаде во блиска иднина, на различни локации на Земјата, се спуштаат 12 вселенски бродови. Никој не знае што им е поентата, па мешавината на страв и незнаење предизвикува немири и гласини за крајот на светот. Влади на различни земји ангажираат експерти за декодирање на јазикот (нешто помеѓу хм’кање и ждригање) на посадата на бродовите - суштества со седум пипци.

Луис Банкс ја добива одговорната задача во најбрз можен рок да го научи јазикот на вонземјаните и да го дознае одговорот на едно единствено прашање: „Која е вашата цел на Земјата?“

Како да почнеш да учиш јазик кој нема никаква сличност со кој и да е друг човечки јазик? Како да ја декодираш неговата граматичка структура, разликата помеѓу именки, придавки и глаголи, дали исказот е прашален или потврден, како и значењето на зборовите, така за не само да не утнеш што ти кажуваат, туку и за ти да не пренесеш погрешна порака? И сето ова во ситуација кога врз твоите плеќи лежи можност за меѓуцивилизациски судир заради погрешен „превод“, и часовник што вртоглаво отчукува.

Лингвистката почнува онака како што би почнал и некој антрополог во посета на изолирано племе, чиј јазик не го зборува. „Јас, човек“ и „Јас, Луис“ се првите зборови со кои се обидува да воспостави комуникација. Но набргу муабетот помеѓу неа и седмоногите се проширува, и таа навлегува не само во нивните пишани симболи, туку и во нивниот начин на мислење. Нејзиното сфаќање за времето се менува, па од линеарно станува циркуларно, спојувајќи ги минатото и иднината. Накратко - учејќи го нивниот јазик, таа станува како нив, видовита.

Ваквата лингвистичка теорија, дека јазикот не им овозможува на луѓето само да ги изразат своите мисли туку дека тој истовремено и ги формира истите, е позната како хипотезата на Сапир и Ворф. Денес, таа се смета за контроверзна на повеќе нивоа, и тоа почнувајќи од нејзиното име. Лингвистите Бенамин Ли Ворф и Едвард Сапир биле блиски соработници на почетокот на 20-тиот век, но тие никогаш не објавиле заедничка хипотеза за врската помеѓу јазикот и познанието. Самиот Сапир и не бил нешто многу убеден во моќта на хипотезата. Па сепак, откако тој умрел во 1939 и веќе не можел да се буни, неговиот ученик Ворф ги одвел неговите ставови во екстремна насока, која подоцна станува позната како теорија која ги носи обете нивни имиња.

Теоријата на Ворф делумно се потпирала на неговото проучување на речникот за снег на Ескимите, кои заради нивната поврзаност со снежниот пејсаж наводно имаат „необично голем“ број зборови за различни типови снег. Се работи за мит кој некритички се преземал со децении и во лингвистиката и во антропологијата, раскринкан дури во 1991, за што претходно пишувавме тука. Но лингвистичката релативност за која зборувал Сапир останала прилично тренди став до педесетите на минатиот век.

Она што го прават сценаристите на „Пристигнување“, кои сигурно консултирале и лингвисти, можеби баш некои реликтни „сапировци“, е што ја земаат оваа теорија и ја растегнуваат до екстрем. Вонземјанската култура поинаку го конципира светот и времето, па и по само еден месец негово проучување човек може да се внесе во него до степен до кој неговиот мозок одеднаш ќе се „прешифта“ во друг мислечки модус. Нешто како да успееш да одгатнеш неколку звуци кои ги испуштаат китовите, и одеднаш да почнеш да мислиш како кит.

Ако можете да го преџвакате ова претерување, како и приказната со умрената ќерка на „преведувачката“, која е премногу слична со онаа во „Гравитација“, тогаш од целиот филм сепак останува една убава поука. Додека Луис се обидува да се разбере со чудниве суштества, земјаните не пропуштаат прилика да се испокараат меѓу себе, на сите можни јазици. „Коски нема, ама коски крши“ можело да гласи и мотото на филмот, кое веројатно би звучело уште посекси кажано на холивудски. Не е поентата само во тоа да се зборува туѓиот „јазик“, туку во емпатијата и искрената намера да се разбереш. А тоа колку што важи за односот со вонземјани, важи и за оние кои ве опкружуваат, а со кои како луѓе кои зборуваат македонски би требало да споделувате и ист светоглед.

Сфаќате сега колку Сапир и Ворф немале врска?

Поврзано: „Од јазикот кон светогледот и назад“ (Тедх)
 

20 јануари 2017 - 17:21