Летото е идеално време за „никсен“

Имавме слушнато за данското „хиге“, она кога си седиш дома и толку ти е фино и удобно што никаде не ти се излегува. Швеѓаните пак го имаат „лагом“ - концепт кој советува на сè во животот да му се пристапува со умереност. Но сега во тренд е холандски збор, кој означува правење н-и-ш-т-о. Лајк.

На македонски холандското „никсен“ би се сфатило како „легачење“, но тоа би било грешка. Затоа што „никсирање“ не значи одбегнување работа, туку специфичен вид одмарање кој овозможува слободен проток на мисли, некој вид медитација, после што може да се продолжи со работење, овој пат посвеж и поконцентриран.

Додуша историски, концептот и во сама Холандија бил сфаќан како мрзливост. Но во современ контекст на пренапрегнатост од дразби, обврски и технологија, тоа почнува да значи дигитална детоксикација, сонување на јаве, просто гледање во небо без потреба од нотификации за секој појавен облак. Кога и медитацијата станува уште една наметната обврска на која потсетува симната апликација, „никсен“ звучи како нешто поорганско и поприродно. Исклучување од бучниот автопат, за момент.

Секако, и за ова треба подготовка. Потребно е време да се расчисти теренот и да се создаде вистинската атмосфера во која човек нема да се чувствува виновен што просто седи (или лежи) без да прави нешто. А всушност досадувајќи се, го прави најважното - си го спасува животот.

Види и: Букбокс читанка за „Книга на денгубнички задоволства“ од Том Хоџкинсон

23 јули 2019 - 09:06