Лени Кравиц: Џони Кеш ме тешеше кога умре мајка ми

Кравиц има нов албум, Raise Vibration, на која има песна посветена на Кеш. А за посветата има и добра причина.

Утре, 7 септември, е најавено излегувањето на единаесетиот студиски албум на Лени Кравиц. На него има 12 песни, кои меѓу другото зборуваат против корпоративната алчност, политичката корупција и расизмот. Но има и поинтимни песни, меѓу кои и онаа под наслов „Џони Кеш“.

„Прегрни ме како Џони Кеш/Кога ја загубив мајка ми/Шепни ми на уво/Како што тоа го правеше Џун“, велат стиховите од неа.

Станува збор за сеќавање на случајна средба на Лени со Џони и неговата сопруга во 1995, токму во моментот кога починала мајка му на Лени, Рокси Рокер. Таа самата била ТВ ѕвезда, играјќи ја сопругата во првиот расно мешан брак на американската телевизија, во серијата Џеферсонови.

Таа и нејзиниот син биле многу блиски, но во моментот кога била дијагностицирана со рак на градите на возраст од 66 години, Лени бил на турнеја. Тој ги прекинал настапите и од Токио веднаш одлетал за Калифорнија за да биде до неа. Но бидејќи во тоа време немал дом во Лос Анѓелес, престојувал кај продуцентот Рик Рубин, кој тогаш работел со Џони Кеш на неговиот албум American Recordings II: Unchained. Лени постојано бдеел над мајка си, но во еден момент, кога заминал до куќата на Рик за да се освежи, му јавиле дека мајка му починала.

Токму тогаш во куќата се погодиле Џони и Џун, кои кога сфатиле за што се работи едноставно го прегрнале и го тешеле како да им е дел од семејство. „Тоа беше прекрасен момент на човечност и љубов“, вели Кравиц, кои претходно никогаш ги немал сретнато. Тој не ни планирал да го овековечи овој настан во песна, но мелодијата му дошла на сон. „Тие беа убави, вистински луѓе - веројатно тоа беше последниот пат што бев утешен на таков начин“.

Песната ќе ја објавиме веднаш кога ќе биде достапен материјалот од албумот.

6 септември 2018 - 09:14