Romani (non) ite domum

Латинскиот не е мртов!

Кога светските телевизиски станици го пренесуваа изборот и инаугурацијата на новиот папа, главни фраер(к)и беа оние кои знаат латински. Освен во вакви моменти, овој јазик се води како „мртов", како некорисен и неупотреблив. Но дали е навистина така?

Без ронка елитизам, тврдам дека знаењето латински, макар и базично, е многу добра работа. Овозможува лесно да се препознаваат етимолошките корени на одреден збор дури и кога прв пат го слушате, помага за учење на сите романски јазици, и во „зачинувањето" на некој текст со мудри поговорки.

Некои одат и чекор понатаму - латинскиот го промовираат не како некаква интелектуална алатка, туку како било кој друг странски јазик. Во Финска постои неделен информативен радио прилог на латински, а Геневера и Теренцио Тунберг ја имаат преведено книгата на д-р Сеус „Зелени јајца и шунка" на латински под наслов Virent Ova! Virent Perna!.

За многумина изучувањето на латинскиот сепак асоцира или на аристократско потекло, или на губење време со некорисно знаење. Професорката Мери Бирд од Кембриџ, која е веројатно најпознатиот жив класичар на светот, вели дека „тенденцијата да се поврзува латинскиот со привилегиран статус доаѓа од приватните училишта во Британија, каде латинскиот е обврзен". На прашањето зошто би требало да го изучуваме, таа вели - едноставно затоа што ни дава директен притап до исклучителни и влијателни дела кои се напишани на него.

Латинскиот има огромно влијание и врз формирањето на новиот „лингва франка" - англискиот. Хенри Хитчинс, историчар на англискиот јазик, во „Тајниот живот на зборовите: како англискиот стана англиски" вели дека зборовите со латинско потекло се од формален и академски карактер, додека зборовите со германско потекло се посекојдневни.

Латинскиот сам по себе, но особено индиректно, преку англискиот, често се смета за „закана" по македонскиот, бидејќи за човек да звучи пософистицирано често пати бира латински наместо македонски збор - потенцијален наместо можен, егзистенција наместо постоење, или имобилизација наместо неподвижност. Според Орвел (во неговиот есеј „Политиката и англискиот јазик") ваквите латински варијанти се користат особено од страна на политичарите за да го замаглат вистинското значење и да го формализираат нивото на говор, кој за обичниот човек станува неразбирлив. Тоа е како да им велиш: не ме разбирате не затоа што јас намерно ви комплицирам, туку затоа што вие сте необразовани и глупави, не сте од мојот ранг. Токму ваквата (зло)употреба на латинскиот го создава тој негативен стереотип за овој јазик, кој како што ќе видите од следното (aнтологиско) клипче, може сепак да ви се најде, особено ако се специјализирате за политички графити.

18 март 2013 - 21:06