Кучиња, плунка и ѕвончиња: што (не) сме сфатиле за Павлов?

Нова биографија за рускиот нобеловец тврди дека голем дел од она што го знаеме за него се должи на лош превод и погрешни претстави. Не се работело само за кучиња и ѕвонци, туку и за нешто многу повеќе, кое има врска со човечката психологија. 

„Иван Павлов: руски живот посветен на науката" е нова, детална биографија од Даниел П. Тодс, професор по историја на медицина. Она што тој го тврди на 855-те страници за големиот физиолог, добитник на Нобелова за медицина во 1904, е дека во основа на неговите истражувања всушност лежел огромен интерес не за лигавењето на кучињата, туку за психологијата на луѓето. Неистражената територија на кој тој навлегол со неговите проучувања на дигестивниот систем на овие животни, всушност била областа на механиката на човечкиот мозок.

Во она што го знаеме како експеримент кој го докажува постоењето на тн. „Павлов рефлекс" кучињата почнувале да лачат плунка уште кога ќе ги виделе белите мантили на луѓето кои ги хранеле, без воопшто да ја видат храната. Бидејќи тие и онака природно лачеле плунка кога биле хранети тоа, според Павлов, бил „неусловен рефлекс". Но кога тие истото го правеле како реакција на звук или глетка поврзана со храна, тоа за него претставувал „условен рефлекс" (на условен стимул). На тој начин Павлов формулирал основен психолошки принцип, кој може да биде применет и на луѓето, и открил објективен начин за негово мерење. Ова ги воодушевило подоцнежните психолози-бихејвиористи, кои во делото на Павлов гледале доказ дека слободната волја е илузија, а дека проучувањето на човечкото однесување може да биде сведено на анализа на настани и дејства кои можат да се набљудуваат и квантифицираат.

Сепак, тие биле далеку од познавањата на физиологијата и медицината на Павлов, а некако го „прескокнале" и неговиот став дека човечката психологија е „една од последните животни тајни", и дека таа не може целосно да се објасни без да се земе предвид и субјективното искуство (наспроти она „објективното" и мерливото). Ова е можеби делумно резултат на тоа што Павлов бил син на свештеник, кој се обидувал од син му исто така да направи теолог. Иван сепак одлучил да студира физиологија и хемија, и се идентификувал со рационалистот Иван Карамазов, еден од браќата Карамазови на Достоевски. Но жичка на доверба во интуитивното и немерливото во човечката душа сепак преживеала.

Денес експериментите на Павлов кој вклучувале малтретирање кучиња и нивно оперирање не би поминале во јавноста. Во еден дневнички запис тој вели: „Нашата страсна желба да ги прошириме експерименталните постапки беше спречена заради смртта на животното, која настана како резултат на пролонгирано изгладнување и серија рани" - сиротото куче било рекордер во производство на панкреатски сокови десет дена пред да пцовиса.

Биографијата, базирана на архиви во Русија, Европа и САД, содржи и други детали кои се малку фуј, како оној дека соковите кои им се лачеле на кучињата се собирале преку цевка од нивниот езофагус во стаклени садови, а потоа биле продавани како популарен лек за третирање човечка диспепсија, односно лошо варење. За да ги добие потребните сокови Павлов не ѕвонел само со ѕвончиња, туку користел и звуци на метрономи, хармониум (вид клавирче), базери, а и електрични шокови.

Дека него го интересирала исклучиво науката покажува неговиот однос кон сите руски власти со кои се соочил. Болшевиците, односно државата, му ги конфискувале сите пари од Нобеловата, па тој, откако едно време живеел само од компири што ги садел близу лабораторијата и од донации огревно дрво, едно време решил да емигрира на некој од европските или американските универзитети. Тогаш Ленин се уплашил од лошиот публицитет, па му овозможил подобри услови. Кога Сталин пак почнал да ги апси интелектуалците, Павлов му напишал писмо во кое му рекол дека „се срами да се нарече Русин". Од стрелање го спасил извесен висок државен службеник, кој изјавил дека Павлов можеби не ја пее Интернационалата, но дека „идеолошки" (со делата, не со зборовите) работи за режимот. После ова властите го толерирале, но никогаш не го наградиле. На неговиот погреб, на 86 години, стотина илјади луѓе поминале крај неговиот сандак.

На неговата конечна цел, да ги обедини физиологијата и психологијата, умот и телото, уште се работи. Дотогаш ќе продолжиме да го регистрираме „Павловиот рефлекс", кој денес функционира и со нови, модерни стимули - како кога ќе слушнете звук на пристигнат СМС или дека некој ве бара на чет, па почнуваат да ви се лачат феромони на суво. 

24 ноември 2014 - 16:14