Oва е Рајли

Kучето вработено во музеј

Не е сиже на лектира за второ, ниту наслов на цртан филм. Вистинско куче, и тоа ловечко, e исто така вистински музејски работник. Со специфична задача.

Музејот на убавите уметности од Бостон во последно време ја има збогатено својата колекција. Минатата година, на пример, тој доби значајна збирка на 113 холандски дела, а ја прошири и онаа на 20-вековни сликари. Истовремено, музејот го поднови и списокот на вработени, и тоа со едно куче. Се вика Рајли, од сортата Вајмарски птичар, а негова задача е да му помогне на музејот во лов на инсекти и други штеточини кои можат да им наштетат на делата.

Инсектите во музеите се стандарден и голем проблем. Молците се гостат со текстили како волна, свила и памук, а бубачките влегуваат во дрвените предмети. Овој проблем беше особено актуелен во Британија каде во 2011 се водеше вистинска војна против инсектите во речиси сите британски музеи, заради наездата на тн. „платнен молец“ (Tineola bisselliella).

Бостонскиот музеј сака да сосече во корен вакви наезди уште пред тие да почнат. Каква е улогата на Рајли во сето ова? Тој е трениран да седне пред одреден предмет, да го помириса и да сигнализира ако почувствува дека тој е „заразен“ со некој инсект. Всушност неговата обука е се уште во тек, а според Ники Луонго, музејскиот директор за заштита (кој е истовремено и сопственик на Рајли) вајмарските птичари се особено соодветна раса за ваквите задачи затоа што се многу дисциплинирани и можат да работат голем број часови пред да им здосади. Тоа е и причината зошто истите се користат и за откривање бомби и наркотици. Помага и што Рајли нема долга опашка, па не може мафтајќи со неа да скрши нешто низ музејот.

Ова не е единствената програма која користи кучиња за заштита на културни артефакти. Музејот Пен на пример работи со непрофитна група која тренира кучиња кои намирисуваат украдени предмети. Ако овој пилот-проект успее сосема е можно кучиња да бидат користени и на терен, во рамки на царинските служби кои се обидуваат да најдат украдени уметнички дела.

15 јануари 2018 - 10:48