А женски мовембер?

Кратка историја на депилацијата

Eден од начините на кои некои современи жени искажуваат отпор кон хегемонистичката и шовинистичка машка културна матрица е одлуката да не им биде гајле дали влакна им штрчат од под мишка или им ѕиркаат од под хулахопка. Но практиката на женско „обезвлакнување" е историски долга, а во отсуство на креми за депилација и бричеви знаела да биде и опасна.

Ренесансното сликарство е полно со примери на убави, голи и невлакнести жени и девојки, кои или имале поинаков хормонален статус од нашиот, или навистина се труделе да се „средат" пред да позираат пред сликарскиот штафелај.

Ваквата традиција е и постара од ренесансата - во средовековна Европа кружела збирка рецепти за женска медицина наречена „Тротула", која меѓу другото содржела и упатства за отстранување на несаканите влакна. Името го добила според мистериозната Тротула, која наводно била првата жена-професор по медицина во 11-12 век во Салерно, Италија. Рецептите од оваа книга биле масовно препишувани и во подоцнежните книги од овој тип, а таков е и овој за депилација, од 1532, кој гласи (и не се обидувајте да го направите ова дома):

Како да отстраните влакна каде и да е на телото

Зовријте раствор од помалку од половина литар арсен и голема лажица негасена вар. Во бања или во топла просторија намачкајте од смесата врз местото кое треба да се издепилира. Кога кожата ќе почне да ве пече, бргу измијте се со топла вода за да не ви падне и месото.

Од истиот период е и рецепт од мешавина на мачји измет и оцет, кој исто така гарантира паднати влакна. Најпозната збирка од овој период е онаа наречена „Експерименти" на Катерина Сфорца, незаконска ќерка на некој војвода од Милано, која содржи рецепти за средства за чистење во домаќинството, за убавина, лекарства, но и согласно субверзивната женска традиција - за ефикасни отрови. Наведениот рецепт со арсенот и варта го има и во нејзината книга, со тоа што мерката за тоа колку смесата смее да стои на кожата кај неа е „додека кажеш два Оче наш". Всушност хемиските состојки за кои станува збор и не се толку различни од современите средства за депилација, со тоа што во последниве е забрането да има арсен.

„Последното табу: жените и телесните влакна" од Карин Лесни-Оберштајн, објавена во 2006, е првата академска книга на оваа тема. „Изгледа дека единствените текстови кои се занимаваат со влакнетоста кај жените се или медицински текстови или фетишистичка порнографија", се вели во нејзиниот вовед. Всушност токму овој аспект на негата на жените пружа интересен увид во нормирањето на нивната телесност, според кое женското тело не може да биде совршено освен ако не е модифицирано. Или, како што напишал шпанскиот лекар Хуан Уарте во 16. век, „жената која има многу влакна на телото и на лицето е интелигентна, но непријатна, мрчатор, мускулеста, грда, има длабок глас и проблеми со плодноста". Ви делува како опис на Софија Лорен?

Сега сме на мисла - дали да си закажеме депилација деновиве, или да прогласиме женски, мартовски мовембер?

6 март 2014 - 13:56