Ленон на Меркур

Кратери на познатите

Да имаш улица или плоштад именуван по тебе веќе не е доволно кул. Да имаш свој кратер на некоја од планетите, е тоа е веќе нешто. Ние пикираме на Венера.

Не залудно се вели дека уметноста ги допира небесата - десетина новолоцирани кратери на Меркур добија имиња според познати музичари, писатели и сликари. Меѓу нив еден му е доделен на Џон Ленон.

Меѓународната астрономска унија кумува на планети и сателити од нејзиното основање во 1919. Во согласност со досегашната пракса, и спомнатите вдлабнатини на најмалата и најблиската од осумте планети во сончевиот систем добија називи според „починати уметници, музичари, сликари и писатели кои дале исклучителен или фундаментален придонес кон нивните области, и се признаени како историски значајни фигури во период од над 50 години". Прилично строги критериуми за да добиеш некаква правлива дупка, во која ако правиш журка нема да има баш некоја атмосфера.

Покрај оној на Ленон, другите новоименувани кратери се:

Барни, за Натали Клифорд Барни (1876-1972), американско-француска поетеса и романсиерка.

Берлиоз, за Хектор Берлиоз (1803-1869), француски композитор од периодот на романтизмот

Калдер, за Александар Калдер (1898-1976), американски вајар најпознат по „мобилните" скулптури, вид кинетички дела направени од висечки елементи кои се придвижуваат од мотор или воздушни струи

Капоти, за Труман Капоти (1924-1984), американски писател (види тука)

Карузо, за Енрико Карузо (1873-1921), еден од најголемите тенори во историјата на операта

Енсор, за Џемјс Сидни Енсор (1860-1949), белгијски сликар и печатар, кој извршил големо влијание врз експресионизмот и надреализмот

Џамболоња, за Жан Булоњ Џамболоња (1529-1608), холандски скуплтор познат по мермерни и бронзени скулптури во доцно-ренесансен стил

Ремарк, за Ерих Мариа Ремарк (1898-1970), германски писател, автор на „На запад ништо ново"

Виера да Силва, за Марија Елена Виера да Силва (1908-1992), француска сликарка родена во Португалија, позната по полуапстрактните композиции

Имињата биле предложени од научниот тим кој управува со вселенското летало на NASA - Meсинџер, преку кое од 2008 се прави обид за деталното мапирање на Меркур.

Бонус: природни феномени крстени според Френк Запа. Спојлер: една е планета, а од друга може да заболите. 

* Постов е инспириран од нашата неодамнешна посета на скопскиот Планетариум, прва по 20 години. Ленон не го видовме, ама препорачуваме.

21 јануари 2014 - 20:21