Букбокс гледаше

„Крајот на турнејата" (2015)

Оние кои со нетрпение очекуваа филм за писателот кого во некролозите по неговото самоубиство го нарекуваа „виртуоз", „граматички гение" и „манично љубопитен" ќе останат разочарани. Оние неоптoварените од ликот и делото на Валас во овој филм (можеби) ќе видат слаба варијанта на приказната за Салиери и Моцарт. Ние сме од првите.

Во 1996 новинарот на Ролинг Стоун, Дејвид Липски, поминува една недела со Дејвид Фостер Валас, кој во тој период е при крај со промотивната турнеја на неговиот славен роман Бескраен мајтап (Infinite Jest), остра сатира на американското општество на повеќе од 1000 страници. „Колку писатели имаме интервјуирано во последниве десет години?" е прашањето кое Липски му го поставува на неговиот уредник, убедувајќи го дека „нула" како што гласи одговорот не доликува на софистицирано списание како нивното, и дека оттаму треба да му ја одобри задачата. Но неговиот вистински мотив за средба со Валас е малку поинаков - тој и самиот има тазе роман, чие објавување ете несреќно се поклопува со издавањето на оној на за неколку класи подобриот Валас, за кого одеднаш сите зборуваат.

Филмот е базиран врз вистинските интервјуа и разговори помеѓу Липски и Валас во тек на тие пет дена, кои иако никогаш не биле објавени на страниците на Ролинг Стоун (можеби уредникот бил во право кога првично искоментирал дека „тука нема приказна"), по смртта на Валас беа објавени во книга под наслов „Иако на крај стануваш оној којшто си" (Although Of Course You End Up Becoming Yourself: A Road Trip with David Foster Wallace).

Ако е веќе така, што има тука разочарувачки? Прво, и покрај сиот неспорен актерски талент на Џејсон Сигел, кој го игра Валас, и напорот и физички да заличи на него за што морал прилично да се здебели, тој со чудниот нагласок и неубедливата меланхоличност која повеќе личи на лигавење изгледа ко пародија, па дури и навреда за ликот на Валас. Филмот, кој трае час и 46 минути го гледав точно три дена, затоа што не можев да издржам да не го прекинувам и на негово место одново да ги гледам интервјуата со Валас на Јутјуб, за да можам некако неговиот лик да го вградам во филмот. Можеби е до тоа што Сигел до сега главно глумел комични улоги („Како ја сретнав мајка ти"), или затоа што никако не можел да ја совлада „Бескраен мајтап" па пријателите морале да му оформат „читачка група" за да може полесно да влезе во главата на Валас. Или - многу попросто - сценариото само се базира врз вистински ликови и случки, но амбицијата не е биографска, туку сосема поинаква: да се направи портрет не на човек (Валас), туку на една професија - новинарството.

„Не можам да се сетам на друг филм кој подобро ја опишува чудната, вештачка интимност која може да се создаде во процесот на долготрајното интервјуирање, како за новинарски профил", вели текст во Њујоркер, кој го фали филмот, и особено улогата на Џес Ајсенберг како Липски во оваа смисла. Неговата латентна завист и потсвесна желба да го запознае „конкурентот" за да може да го имитира, постојаното притискање на „Рец" на диктафонот, дури и кога на неговиот соговорник тоа не му е пријатно, чепкањето по личните предмети (дури и во ормарчето во ВЦ-то), се нешта кои навидум му помагаат да го запознае својот „субјект", а всушност само ја засилува дисонанцата помеѓу мотивите на едниот и наводната подготвеност за исповед на другиот. „Ти се согласи на овој текст", го потсетува Липски Валас секогаш кога овој ќе се обиде да ги одреди границите на приватноста. Притоа Липски не покажува сочуство за длабоките психолошки проблеми кои ги има Валас, и до крај на филмот агресивно се обидува да го дознае она за што е во основа и пратен - дали Валас всушност се дрогира?

Вистинскиот Дејвид Фостер, од она што може да се види од неговите видео интервјуа, е човек со суптилен, брилијантен ум, прекрасно ранлив - како прв пат вљубено момче - кој не може да излезе на крај со она што од него прават медиумите и целата таа издавачка машинерија, „глас на една генерација", „фраериште од писател", нечиј „идол". Неговите новински текстови и есеи, многу повеќе од расказите и тој славен роман, откриваат хиперемотивец, кој не само што може да ве вовлече во приказна за банален земјоделски саем во длабока американска провинција или за еднонеделна бродска тура со пензионери со силата на неговата перцепција и новинско-книжевен стил, туку пред сè со човечноста и искреноста на некој кој е на граница да „прегори" од сета истовремена сложеност, убавина, глупост и зло на современиот живот.

„Вистински значајниот вид на слобода, подразбира внимание, свесност, и дисциплина, и способност навистина да се грижите за другите луѓе и да се жртвувате за нив, повторно и повторно, на безброј малечки несекси начини, секојдневно. Ова е вистинската слобода. Ова значи да се биде образован и да се разбере како да се размислува. Алтернативата е несвесноста, дифолтниот сетинг, расата на стаорци – постојаното разјадливо чувство дека сме имале и сме изгубиле некоја бескрајно добра работа" - им кажа Валас на дипломците на колеџот Кенион неколку години пред да се убие заради депресија (целиот текст тука) и на тој начин создавајќи ни го тоа исто, разјадливо чуство: дека со неговото заминување сме изгубиле една бескрајно добра работа.

Tрејлерот за филмот:

Валас во шоуто на Чарли Роуз, 1997

23 октомври 2015 - 12:43