Коски и камења: експерименталната музика на Џеф Џерман

Како да се победи суровоста на времето што минува? Со тоа што ќе се биде присутен во моментот, слушајќи го сето она што се случува околу нас, фучењето на автомобилите, тропањето на нечиј чекан врз штица, далечна смеа на луѓе излезени пред дуќан на цигара.

На четвртиот ден од Македокс беше прикажан документарецот „Како да се уништат временските машини“, кој се фокусира на Џеф Џерман, експериментален музичар од Аризона, кој во своите дела користи теренски снимки од природата, како и звуци кои самиот ги произведува со триење камења, превртување школки, движење на пердуви низ воздух. Неговиот дом/студио е полно и со конструирани, „сирови“ апарати за правење звуци, или вообичаени инструменти кои тој ги користи на креативни начини.

Филмот е мешавина на аудио пејзажи снимени од Џерман, и негови изјави, кои не само што го објаснуваат она што тој го прави на концептуално ниво, туку покажуваат дека неговиот однос кон звукот е многу повеќе од музички и композиторски. Во концентрирањето на звучниот контекст во секоја ситуација, тој ја гледа потврдата за сопственото постоење во одредено време и на одредено место - шанса човек да не се оптоварува со каење за минатото или стравови за иднината, туку за постоење само во мигот. На тој начин, како што вели и насловот, тој ја победува „временската машина“, онаа која турка напред или назад, и создава своја, која како котва го држи во сегашноста.

Во биографијата на Џерман, роден 1959, пишува дека тој целиот живот го посветил на истражување на соничните можности и импровизаторските техники, или како соло изведувач, или со првиот тн. „анимистички“ оркестар, со кого правел покомплексни оркестарски дела.

Сепак, тој вели дека неговата работа не е да изведува музика, туку да научи да слуша, и да им понуди начин и на другите да го сторат истото. Еден од неговите проекти е и работа со звуци кои се сметаат за грешка или дефект, на пример такви кои се отфрлени од нечии туѓи или од неговите сопствени снимки, нивно „рециклирање“ и ставање во нов контекст во кои тие веќе не се „грешки“.

„На мојот живот не му треба саундтрак“, вели тој на својот сајт, во смисла на тоа дека звуците се и без наша интервенција насекаде околу нас, и го прават нашиот звучен „дом“. Некои од тие звуци не се пријатни, но се сепак тука. Како оној на зајакот на умирање за кој Џерман долго се мислел дали да го избрише откако го снимил, бидејќи го вознемирувал, како негов упад во најинтимниот момент во животот на едно суштество - неговата смрт.

Во разговорот со режисерот Јацек Пјотр Блавут по прикажувањето на филмот тој беше наречен „филозофски“. Но можеби перспективата треба да е обратна - Џерман можеби ни вели, баталете ја секоја филозофија, и едноставно слушнете што ви зборуваат дрвјата, камењата и земјата.

Трејлер за документарецот:

Целосниот најнов албум на Џерман, „Брајовата харфа“ (2018)