„Коронахумор“: збирка на Етнографскиот музеј на Словенија

Кога велиме дека пандемијата е тест за голем број институции, не мислиме само на болници, министерства и војска, туку и за оние од областа на културата. Еве како реагира една, барем географски не толку далеку од нас.

Во мисијата на Словенечкиот етнографски музеј, формиран 1923, се вели дека тоа е институција „во врска со луѓето, наменет за луѓето“. Неговите збирки вклучуваат артефакти од традиционалната култура, но и масовната и поп културата во Словенија и во дијаспората, како и материјал од таканареченото „нематеријално“ културно наследство на секојдневниот живот.

Во таа смисла, на сајтот на Музејот неодамна осамна рубрика „Коронски хумор“, список на вицови и генерални смешки поврзани со пандемијата, изолацијата и вирусите. Истовремено, од таму ја повикуваат јавноста да им испраќа такви кои би се нашле во изборот. Акцијата почна на 23 март, а листата се освежува секојдневно.

Еве дел од смешките, кои кажуваат и како Словенците се справуваат со целата ситуација:

Му се јавив на докторот заради испрекинато дишење и болка во градите. Ми рече да не се секирам. Не е корона. Само инфаркт.

Во Севиља сè е затворено. И берберот не работи.

Не морам веќе да ја заклучувам колата, само ставам искористено марамче на воланот.

Мајка ми зготви грав за 3 дена. Сега и дома носиме маски.

Кога повторно ќе отворат кафаните, не заборавајте дека ни ги затворија вратите кога ни беше најтешко.

Менувам квасец за двособен стан во Пиран.

Дома ни е како реално шоу. Работиме, се смееме, се смееме...Денес на жена ми ќе ѝ речам „напушти ја куќата на Големиот брат“.

Полицијата уапси двајца мигранти кои шверцувале петмина Словенци помеѓу општини.

Кога децата беа немирни на школо, ги праќаа дома. Дали сега смеам да ги пратам на школо?

Кога сето ова ќе помине, ќе биде потешко да се закаже на фризер, отколку на магнетна резонанца.

Поврзано: „Го знаеш оној за короната?: смешното во време на трагедија“

7 април 2020 - 15:49